Тренерите во најквалитетната италијанската фудбалска лига Серија А на стартот од новата сезона имаа причина за задоволство. Клубовите за нивните плати за 2013/2014 ќе издвојат 28% проценти или 5,2 милиони евра повеќе од минатата сезона.
Девет од вкупно 20 клубови одлучија да поделат повисоки плати во новата сезона, шест екипи ќе ја поделат истата сума од минатата година, а само два тима одлучија да им ги намалат платите на своите тренери.
Претседателот на Интер Масимо Морати ќе биде најдарежлив газда и за разлика од Страмачони, кој лани заработи 1,1 милиони евра, на новиот кормилар Мацари ќе му дава плата од 3,5 милиони евра. Истата сума ќе ја заработи и Рафа Банитез во Наполи кој ќе земе 1 милион повеќе од неговиот претходник.
Третата екипа која одлучи да го одврзе ќесето за поголема плата на својот тренер е Сампдорија која на Делио Роси ќе му дава 800 илјади евра повеќе од лани. Клубот кој најмногу го скрати буџетот за плати е Џенова која на новиот тренер Ливерани ќе му дава 700 илјади евра помалку од минатогодишниот тренер Дел Нери.
Сратегот на Рома Луис Гарсија ќе заработи 100 илјади евра помалку од Зденек Земан, а најмалата годишна плата во новата сезона во Серија А од 250 илјади евра ќе ја земе Давиде Никола кој го води новиот прволигаш Ливорно.