Белгиски Ла Либре: „Мотивот на терористот бил спалениот Куран во Шведска“

Белгискиот портал Ла Либре пишува дека во терористичкиот напад на булевар Ипре во Брисел загинале две лица, едно од шведска националност, а друго со шведско потекло. Третото лице исто така од шведска националност е во тешка состојба и се наоѓа во болница. На реанимација бил и напаѓачот кој е тешко ранет во престрелка со полицијата.

Убиецот, облечен во дречлива портокалова јакна по убиствата побегнал на својот скутер. Тој бил Тунижанец со иницијали Л.А. роден на 1. септември 1978-ма година.

Од 2019-та година барал азил, бил одбиен и илегално престојувал во Белгија. Во видеото снимено пред нападот, терористот изјавил дека „Алаховата книга е црвена линија за која тој се жртвува, откако Куранот беше газен и спалуван на собири во Шведска“, пишува белгискиот портал La Libre.

Ден пред нападот, радикалниот исламски терорист на Фејсбук профилот на кој имал околу 3.000 пријатели објавил вест за убиството на шестгодишно палестинско дете во САД кого со нож пред неговата мајка го убил човекот кој им го изнајмувал станот а подоцна признал дека тоа го сторил само затоа што се муслимани.

„Го забодел 26 пати и тоа го нарекуваат брутално злосторство само затоа што детето било муслиман. Да било христијанин а убиецот муслиман, тогаш би напишале дека е терористички чин“, во објавата на својот Фејсбук профил напишал Тунижанецот кој уби шведски државјани во Брисел.

Тој точно 16 часа пред нападот, на мрежите објавувал и слики од војната во Израел и им изразувал поддршка на Палестинците. Некаде во меѓувреме како да се сетил дека десничарските организации годинава и лани во Шведска ја палеле муслиманската света книга Куран. Надлежните органи во Брисел тврдат дека не случајно Абдесалем Ласуед за цел ги имал шведските државјани кои се нашле тука во градот за мечот Белгија - Шведска (прекинат на полувреме при резултат 1:1).

Тој на друштвените мрежи следел бројни исламистички страни но и такви кои шират теории на заговор. Една од нив се нарекувала и „шведска неправда“ во која се тврдело дека „шведската социјална работа ги киднапира муслиманските деца“.

Истрагата ја води федералното обвинителство а нападот се води како „терористички мотивиран“. Главниот град на Белгија преминал на 4-то највисоко ниво на безбедност, а остатокот од земјата е на 3-то ниво.

Осомничениот е неутрализиран рано изутрина во населбата Шербек во Брисел и со тешки повреди е превезен во болницата Сент Лук.

Ужас во Брисел - во терористички напад убиени навивачи на Шведска

Излезе снимка од терористот кој пука и бега на мотор

ДУЕЛОТ БЕЛГИЈА - ШВЕДСКА НЕ БИЛ СМЕТАН ЗА МЕЧ ОД ВИСОК РИЗИК

Натпреварот од групата Ф од квалификациите за Европско првенство меѓу Белгија и Шведска во Брисел не бил сметан за безбедносен ризик според проценка на службите.

La Libre пишува дека целото внимание било посветено во контекст на Блискиот исток односно израелско-палестинскиот судир, но не и во контекст на запалениот Куран во Шведска кога на собир на некои организирани групи, јавно се палеше религиозната книга на муслиманите.

„Ќе мора да размислиме за тоа“, рекол градоначалникот на Брисел Филип Клозе утрово на радио станицата la Première.

Градоначалникот за одлуката на реоните од холандското говорно подрачје привремено да ги затворат школите од безбедносни причини рекол дена „тоа не треба да се прави“.

„Мора да останете ладни и методични, посебно избегнувајќи одредени грешки направени во 2015-та за време на терористичките напади во Брисел и Завентем“, рекол градоначалникот на градот Брисел.

На околи 700 шведски навивачи кои допатувале во Брисел за да го следат мечот им било укажано да останат на стадионот од безбедносни причини. Тие биле евакуирани некаде во 23:30 часот и под полициска придружба биле однесени до аеродромот од каде отпатувале назад во Шведска. Евакуацијата траела некаде до 4 часот рано изутрина.

17 октомври 2023 - 09:55