Барселона го стига ранетиот Реал Мадрид

На последните две одиграни кола во шпанската Примера, за 4 дена Реал Мадрид прокоцка 4 поени и сега предноста во однос на Барселона се стопи од 10 на 6 поени. Мурињо, Роналдо и останата компанија како сами да си пукаа во нога.

Два натпревари во четири дена и два слободни удари можеби ќе бидат кобни за Реал Мадрид. Најпрво Малага ги шокираше мадриѓаните во судиското продолжение, а синоќа тие потклекнаа и на Ел Мадригал во Виљареал.

Реал Мадрид имаше предност со голот на Роналдо што беше и негов јубилеен 100. првенствен гол во дресот на Реал. За тоа му беа потребни 91 натпревар, со што стана и рекордер во дресот на „кралскиот клуб". Пред него на Ференц Пушкаш му беа потребни 105 натпревари за да постигне 100 гола.

Во 83-та минута Касиљас погрешно го постави живиот ѕид, погрешно се постави самиот, во прв момент тргна на погрешна страна и му дозволи на Маркос Сена со гол од слободен удар да израмни на 1:1.

Потоа следеше олуја од протести од страна на Реал. Мурињо доби црвен картон за неговите константни реакции во текот на натпреварот и ироничниот аплауз кон судијата. Веднаш потоа Рамос доби втор жолт картон за груб старт, а потоа директен црвен картон заработи Озил.

Барселона сега дефинитивно има шанси за пресврт
Најголема предност која некој првопласиран тим ја има прокоцкано до сега во шпанската Примера е 8 поени. Никој лидер не успеал да прокоцка ваква предност од 10 поени. Барем до сега. Можеби оваа сезона тоа ќе им успее на Реал Мадрид.

Ако до пред неколку кола никој не веруваше дека Барселона може да го стигне Реал, веќе тоа не е така. Предноста се стопи на само 6 поени, а Реал Мадрид до крајот има потежок распоред.

Следниот месец кралскиот клуб го очекува натпревар со Валенсија и гостување во соседството кај градскиот ривал Атлетико Мадрид.

На 22 април фудбалерите на Мурињо ќе и гостуваат на Барселона кого веќе долго време немаат победено. Веднаш потоа ќе ја пречекаат Севиља, а на 2 мај ги очекува тешко гостување кај Атлетик Билбао.

Тоа се пет тешки натпревари на кој Мурињо не може да гарантира добар резултат.

Барселона на Камп Ноу ќе ги пречека Атлетик Билбао, Реал Мадрид и Малага. Ги очекуваат и две тешки гостувања - кај Леванте и кај Бетис во последното коло, но до 13 мај можеби веќе се ќе биде решено.

Барселона сега дефинитивно има шанси за пресврт и ова најверојатно ќе биде една од поинтересните завршници на шпанската лига.

22 март 2012 - 10:40