Потпретседателот на фудбалскиот клуб Барселона, Хавиер Фаус гостуваше на конференцијата со наслов „Менаџмент во спортската индустрија" која се одржа на Лужники стадионот и на присутните бизнисмени, менаџери и студенти им откри дел од клупските стратегии.
Ова е дел од неговиот говор:
Барселона е многу повеќе од еден фудбалски клуб. Барселона има 200.000 членови, а не еден сопственик. Еднаш на шест години правиме избори за раководство на клуб и секој член може да земе раководна функција во клубот, па дури да стане и претседател. Тоа нешто слично на моделот на управување на град или држава.
Сопствениците решаваат за тоа од што би имал полза клубот и во која насока треба да се развива, но секогаш се запазуваат основните принципи. На прво место веќе 40 години е стилот на игра. Барса се стреми да игра напаѓачки фудбал и на секој натпревар има цел да победи.
Ние ги почитуваме нашите вредности: колективна работа, почит, скромност и гордост. Овие вредности ги развиваме кај нашите фудбалери од најмала возраст. Ако не ги почитуваат, веднаш се разделуваме со нив.
Третата компонента на нашиот успех е нашата фудбалска академија. Ние не можеме да си дозволиме да купуваме играчи за огромни пари како што тоа го прават некои клубови. Затоа инвестираме средства во нашата младинска академија. Тоа е една од главните причини за успехот на нашиот клуб. Играчите и тренерите работат исто и во академијата и во првиот тим. Затоа кога некој млад играч ќе пристигне во првиот тим, тој веќе знае што треба да прави, затоа што во тој стил играл веќе 10 години. Тоа е една од причините зошто Барселона толку лесно ја преживува смената на главниот тренер.
Нашата академија е единствена и не сакаме да правиме надворешни филијали. Соработуваме со 250 фудбалски школи од целиот свет, но нивна цел не е да ни подготват играч за првиот тим. Кога ние ќе откриеме некој талент, веднаш го повикуваме во нашата академија. Таму младиот фудбалер тренира и живее согласно со нашите принципи и ако видиме дека не ни се допаѓа, едноставно му ја покажуваме вратата.