Барса не знае за пораз кога игра Иниеста

Екипата на Барселона нема пораз на 48 натпревари во серија кога во стартниот тим на актуелниот европски и светски шампион е шпанскиот интернационалец Андрес Иниеста.

Иниеста е на втората позиција во шпанската Примера според бројот на натпревари без пораз кога тој е во стартниот тим на Барселона. Поуспешен од него е само легендата на Реал Мадрид Емилио Бутрагењо.

Победата на Барселона од 3:1 над Спортинг Хихон беше 48. натпревар во низа без пораз во шпанската лига за Барселона со Андрес Иниеста во стартниот состав. Со оваа победа тој го надмина поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Чендо кој одигра 47 натпревари без пораз, а со уште три натпревари ќе го сруши и рекордот на Бутрагењо.

Во среда Барселона ќе го одигра реванш дуелот од Лигата на шампиони против Баер Леверкузен, по што Иниеста и соиграчите во шпанската Примера ќе гостуваат на Расинг Сантандер и Севиља и ќе ја пречекаат Гранада.

5 март 2012 - 10:17