Бајката на курдскиот тим кој ќе игра во Шведска прва лига

Екипата основана пред 13 години од група бегалци од Курдистан стана „репрезентација“ на цел еден народ без своја држава. Направиле дури седум промоции од 2004-та и ќе играат во првата лига на Шведска, Allsvenskan.

Важат за претставник на една држава која не постои но играат во втората шведска лига. Пред 13 години немале ниту име, ниту грб, ниту дрес. Сам сон: да се основа екипа која ќе ги брани боите на нивниот курдски народ во земјата во која ги примиле како бегалци, Шведска.

Приказната за фудбалскиот клуб Далкурд ФФ, формиран во 2004 година во едно местенце на 3 часа од Стокхолм не може да се заборави како било која друга вест после неколку минути.

По цели седум пласмани во повисок ранг од кои 5 по ред, а во меѓувреме ризикуваа трагичен крај по една авионска несреќа, сега го сонуваат сонот да играат во Лига на шампиони и дерби против турските Галатасарај или Фенербахче.

БЕГАЛЦИ И МИЛИОНЕРИ

Сè започнало пред 13 години кога девет курдски бегалци основале тим во местото Борланге, рибарско градче во провинцијата Даларна (место од каде Густав Васа го направил првиот чекор кон независноста на Шведска со револуција против данскиот крал во XVI век).

За симбол на клубот го одбрале знамето на ирачките Курди: хоризонтални риги црвена, бела и зелена со сонце на средина. Шведска почнала да им дава азил уште во ’70-те години а им пружила и можност децата на имигрантите да бидат далеку од улицата и да се интегрираат во системот.

Густав Васа на Далкурд е Рамазан Кизил. Иако не обезглавил никаков дански монарх, тој е главен лик во целата приказна. Во Шведска дошол на 26. ноември 1989 година и вели дека првпат после многу години спиеле без страв.

„Во Шведска бевме сигурни и безбедни. Спиевме мирно без страв. Претходно не знаевме каква е ноќта без страв. Може да те уапсат, да те убијат или да те малтретираат во секој момент. Помисливме: Што ние како Курди, луѓе и родители да направиме за општеството што ни даде толку многу“?

Прво девет млади Курди играле за најголемиот локален клуб но од таму ги избркале поради недисциплина. Токму тие деветмина со уште неколку пријатели решиле да градат свој клуб на Курдите. И додека другите шведски нисколигаши со аматерски играчи тренирали два пати неделно, Курдите тренирале по два пати на ден цела недела. Станале многу посупериорни и технички поспремни од домашните фудбалери па сходно на тоа и ги скокале сите скалила во горните лиги.

Во 2016-та година, клубот веќе застанат на нозе продал 49% од акциите на двајца милионери, браќата Шаркат и Кава Јунад, Курди и сопственици на телекомуникациска компанија. Кога во саботата со 1-0 го победиле Гаис на домашен терен пред 6.500 гледачи и обезбедиле прва лига, радоста била неизмерна.

РЕФЕРЕНДУМ И КАПИТЕН АКТИВИСТ

Курдистан нема свое првенство, нема ниту држава па затоа ниту ФИФА ниту ООН не ги признаваат како што не ги признава ниту меѓународната политика.

Курдистан е територија (воглавном автономна но не независна) поделена помеѓу различни земји: Турција, Сирија, Ирак и Иран. Ирачкиот дел, како Каталонија на Пике гласаше на референдум за независност минатиот септември: Гласот „Да“ доби убедливо, но од Багдад како одговор стигна насилна репресија.

Така денес милиони луѓе (околу 40 милиони Курди ширум светот) немаат своја репрезентација но навиваат за екипата која е илјадници километри далеку од нив. За екипа чијшто капитен е Пешрав Азизи, централен стопер и човек филантроп, дете на Пешмерга борец. Еден од оние кои силно удрија по ИСИС на границата со Сирија.

ЧУДЕСНО ПРЕЖИВЕАНИ

Во март 2015 година играчите на Далкурд за малку не ги погодила тешка авионска несреќа со Airbus Germanwings 9525 кој летал од Барселона до Дизелдорф кој намерно го урна копилотот-самоубиец Андреас Лубиц кога загинаа 150 луѓе.

Фудбалерите на Далкурд се враќале од едно гостување во Шпанија и сите требале да се искрцаат на тој авион. Во последен момент сфатиле дека патот преку Германија ќе им одземе повеќе време па решиле да се поделат во други три различни летови.

Очигледно судбината за нив имала други планови...