Баерн како ретко кога отпушта тренер сред сезона, кои се причините?

Во Баерн Минхен се случува голема промена, несвојствена за баварскиот гигант. Според пишувањата на релевантни германски медиуми, тренерот Јулиан Нагелсман добил отказ а наскоро нов тренер на екипата ќе стане Томас Тухел некогашниот предводник на Мајнц, Борусија Дортмунд и Челси.

Баерн Минхен отсекогаш важел за синоним за ред, работа, труд, дисциплина. Клуб со сјајна управа, навивачи, играчи, традиција. Баварците речиси никогаш во својата богата историја не дозволиле сред сезона турбуленциите да го изместат клубот од својата оска.

Сега изгледа се случува токму тоа.

Иако стигна до четвртфиналето на Лига на шампиони и го урна моќниот и богат ПСЖ со две победи и во Париз и во Минхен, тренерот Јулиан Нагелсман добива отказ од управата.

Што е уште почудно, Нагелсман ладно изјавил дека знае дека е сменет, но уште не му јавиле од клубот, туку дознал од медиумите.

Причините се неколку. Наводно веќе извесно време имало негативна атмосфера во соблекувалната. Пред само неколку дена, пред мечот со Баер Леверкузен кој Баерн го изгуби 2-1 иако водеше (на ова дерби имаше многу необични ВАР епизоди), на социјалните мрежи излегла тактиката, формацијата и поставката на Баерн за гостувањето во Леверкузен.

Буквално исто онака како што Нагелсман цртал во соблекувална, после што било јасно дека во екипата или околу екипата има „кртица“ која ги оддава тајните на новинарите.

Флориан Плетенбург од Sky Sport Deutschland пишува дека Баерн решил да се раздели со Нагелсман поради неубедливите резултати во Бундеслига каде после паузата поради Светско првенство, Баварците дозволиле Дортмунд не само да ја намали разликата од 9 бода, туку и да ги престигне на табела.

„Кај нас во соблекувална има крт. Тоа многу ме налути. Тоа што го прави му нанесува штета на секој од нас. Не му ја сфаќам мотивацијата, освен помош за противникот“, рекол Нагелсман.

На социјалните мрежи се пишуваше и за конфликтот кој пред неколку месеци тиштел во Баерн со голманот и капитен Мануел Ноер. Имено Нагелсман решил пред неколку месеци да го отпушти тренерот на голманите кој долги години работел во клубот. Нојер застанал на страна на возрасниот тренер на голманите, а управата го поддржала Нагелсман во намерата да го отпушат долгогодишниот вработен тренер на голмани.

Во меѓувреме Баерн од Сити на голема врата го донесе бекот Жоао Кансело. За негова позајмица дале прилично многу пари, но Кансело не само што не игра, туку најчесто не беше ниту на клупата за резерви, а Баерн децидно решил да не го откупува неговиот договор и да го врати во Манчестер во иста секунда кога ќе му заврши позајмицата.

На Баерн не му цветаат рози во Бундеслига сезонава ако така може да се каже учинокот од 15 победи, 7 нерешени и 3 порази. Баварците освоија 52 бода и се втори во моментов зад најголемиот ривал Борусија Дортмунд која е прва со 53 бода после 25 кола.

Иако не делуваше дека имаат некаква резултатска криза, затоа што во Лига шампиони мошне глатко се справија со Меси-Мбапе-Нејмар и ПСЖ, сепак нешто во и околу екипата не е како што треба. Баерн во наредните часови ќе добие нов тренер и тоа харизматичниот Томас Тухел кој освои Лига на шампиони со Челси и кој важи за еден од најдобрите светски стручњаци.

24 март 2023 - 10:32