Баерн-Челси ќе руши рекорди во гледаност

Финалето од Лигата на шампиони помеѓу Баерн Минхен и Челси ќе го проследат над 300 милиони гледачи со што ќе се постави нов рекорд за најгледан клупски натпревар во светот.

Се до 2009-та година рекордите за најгледани спортски натпревари ги држеа Супер Боул финалињата, но финалето од Лигата на шампиони во сезоната 2008/09 помеѓу Манчестер Јунајтед и Барселона постави нови стандарди. Тој натпревар го проследија 206 милиони луѓе од целиот свет и беше срушен рекордот за најгледан клупски натпревар.

Следната година финалето помеѓу Интер и Баерн Минхен го подобрија рекордот, а минатата година финалето од Лигата на шампиони помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед повторно го сруши рекордот со околу 300 милиони гледачи.

За споредба, минатогодишното финале на Супер Боул, настанот кое во минатото ги рушеше рекордите на гледаност, беше проследено од 175 милиони гледачи.

Оваа година финалето од Лигата на шампиони помеѓу Баерн Минхен и Челси ќе биде пренесувано во 220 држави од целиот свет и се претпоставува дека повторно ќе биде срушен рекордот за најгледан клупски натпревар со над 300 милиони гледачи.

Рекордите за најгледани спортски настани се уште ги држат Олимписките игри, а најгледан спортски настан на интернационално ниво е полуфиналниот крикет натпревар од 2011-та помеѓу Индија и Пакистан кој преку ТВ екраните го проследиле над 1 милијарда гледачи.

Најгледани спортски настани:
1. ОИ Пекинг 2008: 4,7 милијарди во текот на целите игри
2. ЗОИ Ванкувер 2010: 1,8 милијарди
3. Крикет СП 2011 полуфинале Индија-Пакистан: 1 милијарда
4. СП 2010 - Шпанија-Холандија: 700 милиони
5. ЛШ 2011 - Барселона-Манчестер: 300 милиони
6. Супер Боул 2012: 175 милиони
7. Формула 1 трка во Бахреин 2009: 115 милиони
8. Атлетика СП 2009 - финале на 100м: 95 милиони
9. Тенис - Вимблдон финале 2009 - Федерер-Родик: 89 милиони
10. Безбол финале 2009 Јапонија-Ј.Кореја 82 милиони

17 мај 2012 - 12:39