Во 2010. година фудбалска Франција го доживеа најголемиот дебакл во својата историја. На СП во Јужна Африка испадна уште во првата фаза, но скандалите во репрезентацијата беа посрамни од резултатите.
Франција на тој Мундијал се квалификуваше на срамен начин преку баражот со Република Ирска, кога Тиери Анри мирно со рака му асистираше на Вилијам Галас за израмнување во продолженијата. Со 1:1 Франција замина на Светско (првиот меч беше 0-1), а Ирска неправедно се врати во Даблин.
Спорниот момент се крена на државно ниво, па тогашниот ирски премиер Брајан Ковен бараше од колегата Саркози преигрување на мечот. Полемиката траеше неколку месеци, а неправдата како да ѝ се врати на Франција во Африка. Половина од играчите, предводени од Рибери и Анелка му свртеа грб на Доменех (63) и одбија да тренираат, а Франција губеше од кој стигне.
За (не)способноста на Доменех зборуваше и податокот што играчите ги бирал според нивниот датум на раѓање и хороскопскиот знак, па така на светското не отидоа неколку важни играчи, затоа што биле девици или ваги. Тоа не му се вклопувало во филозофијата.
Доменех пет години нема работа како тренер, а во вчерашното гостување на една емисија во Франција изјави дека сака да води репрезентација, а не клуб.
„Можеби да ја преземеш Франција“, на шега изјави Емануел Пети, гостин во истата емисија, на што Доменех врати: Не. Многу ми се допаѓа Ирска. Ги обожавам Ирците и сонувам да ги предводам. Бев во Ирска, пиев пиво во паб со навивачи, гледавме заедно неколку натпревари и ме пречекаа на одличен начин. Тие живеат за спортот и не го гледаат противникот како непријател, туку како ривал со кој првин се натпреваруваат, па после пијат пиво и си одат дома мирни“, констатираше Доменех.
Како да подзаборави притоа дека тој беше главен заговорник против одигрување нов натпревар против Ирците, во духот на фер плејот.
„Штета за Ирска, но фудбалот е таков. Вината е кај судиите кои не видоа добро. Франција треба да престане да се вади, затоа што не сме криви“, изјави тогаш Доменех по сериозната полемика на државно ниво.
Сега е на Ирците да одлучат дали после Џовани Трапатони, на клупата сакаат астролог кој бира играчи според хороскопот и не го сфаќа ирскиот џентлменски однос. Во моментов, селектор на Р. Ирска е Мартин О'нил
Голот после раката на Анри, кој Ирците никогаш не го заборавија: