Рекордерот по бројот на постигнати голови во југословенската лига, Слободан Сантрач остана запишан во историјата на македонскиот фудбал како селектор кој најкратко ја предводел репрезентацијата на Македонија. Тој во 2005-та година беше на оваа функција само на четири натпревари на кои забележа една победа и три порази.
Како причина за неговата оставка тој ги наведе приватните проблеми, но јавна тајна беше дека вистинската причина беше тоа што тој не можеше да го издржи притисокот од страна на луѓето кои сакаа да му ја составуваат репрезентација наместо него.
Можеби во Македонија успевал да одолее, но не и дома. Тој ја предводеше репрезентацијата на Југославија до пласман на Светското првенство во 1998-та година и сакајќи да опише под каков притисок во моментов е актуелниот селектор Синиша Михајловиќ, тој откри дека Жељко Ражнатовиќ Аркан му ја составувал репрезентацијата.
Сантрач за српските медиуми откри дека Аркан кој во тој период го предводеше прволигашот Обилиќ, редовно му вршел притисок и тој морал да ги вклучи фудбалерите од неговиот клуб во составот на Југославија.