Со победата од 1:0 против Горица, Динамо дојде до милиметар од новата титула. Чудо треба да се случи момците на Чачиќ да прокоцкаат 5 бода разлика пред Осиек и 6 пред Хајдук на четири кола до крај и да не го искористат колапсот на конкурентите кои втора година по ред остануваат на крај без здив.
Во оваа најтешка сезона за Динамо во поновата историја, можеби и Адеми можеше да остане без здив во последните кола. Прашањето е како сè ќе се одвиваше ако еден човек не ги земеше работите во свои раце и по кој знае кој пат го влечеше тимот зад себе кога беше најважно.
Се восхитував на Цвита, Мара, Просинечки, Мујчин, Модриќ... Во Куќата на славните на Динамо е и Адеми.
Во моите дваесет и кусур години зараза со Динамо, гледав одлични играчи и големи фраери. Цвита, Мара, Просинечки, Мујчин, Модриќ... Да не набројувам понатаму. Тоа беа хероите на нашето време, ликови кои ги доживувавме како богови и во цело друштво во „Куќата на славните“ на Максимир, според сите критериуми спаѓа и Аријан Адеми.
И тоа не од вчера, туку одамна, а начинот на кој го спаси Динамо на крајот од сезоната само го потврдува тоа. Исто како и за Динамо, така и за Адеми ова беше една од најтешките сезони. Го убиваа повредите, се бореше со формата, но кога гореше, Адеми од нигде никаде го извади од себе, тоа што го прави посебен и ги реши последните три меча на Динамо.
Клучен човек во клучни натпревари
Во Рујевица против Риека организираше напад за 1:1, а потоа во 86 минута погоди за победа. Против Истра учествуваше во сите три гола, а во првиот имаше клучна улога кога ја пресече топката по што падна голот, па во Горица во 86. минута погоди за победа.
Тој гол против Горица најдобро покажува колку е Адеми навлезен во моментите кога „се крши“ мечот и кога одлучуваат нијансите. Мораше да даде гол од прва, шутираше лошо. Но беше толку концентриран што сфати дека топката може да заврши во стативата, ја следеше и погоди од вториот обид.
Со тој гол и со оној на Рујевица, тој повторно покажа колку е добар од втор план и колку чувство има за простор. Тие голови изгледаат лесно, но на секој од нив беше одлично поставен, а стрелаше во манир на напаѓач. Оостигна гол и против Горица за 1:0 на Максимир од додавање кое изгледаше загубено, но за Адеми загубени топки едноставно не постојат.
Адеми е татко на соиграчите
Секој играч на Динамо ќе ви каже дека неговата појава на терен значи повеќе од головите и асистенциите. Адеми на сите нив им е татко.
Кога е на терен, тимот делува многу посигурно, па дури и поопуштено. Кога премногу ќе се опуштат, тој е тој што ќе свика и ќе му се фрли во лице на оној за кој мисли дека во тој момент не е внесен во мечот. За Динамо е она што беше Тоти за Рома.
Авторитетот во соблекувалната го градеше низ годиниве и низ сите 335 натпревари кои ги одигра за клубот од Максимир. Тренерите кои работеа со него како помлад, зборуваа дека секогаш имал лидерска жичка, а лојалноста што ја покажува кон Динамо тешко дека некој ќе ја надмине во блиска иднина.
Чувствуваше дека му должи на Динамо
Адеми немаше среќа во кариерата. Повредите го спречија да направи голем трансфер, а кариерата драстично му беше уназадена со суспензијата за допинг по натпреварот против Арсенал во ЛШ. Изгуби две години кога требаше да биде во најдобрите мигови. Не играше, само тренираше, а Динамо во тој случај се однесуваше господски.
Адеми не го заборави тоа. Кога се врати имаше понуди од најсилните лиги, но чувствуваше дека му должи на Динамо и дека мора да го врати долгот. Тој е едноставно таков. Не сакаше да замине, а можеше, но одигра клучна улога во најуспешниот период на Динамо во последните дваесет години.
Беа продавани многу играчи кои направија трансфери во големи клубови, но Адеми не сакаше ни да слушне за заминување. Можеби, кога ќе го врати „долгот“ и ако има можност. Во сезоната 2018/2019, кога се зборуваше за големи трансфери на Петковиќ, Ливаковиќ и Оршиќ, Адеми чувствуваше дека можеби ќе дојде можност, но потоа дојде кризата со коронавирусот, фудбалот запре, а со тоа и трансферите.
Адеми остана, не се разочара и продолжи да гази. Колку што можеше, затоа што ретко кој имаше толку лоша среќа со повреди, како тој во последните три години. Се повредуваше сам од себе, го повредувааа противниците, па дури и од соиграчи, како Мишиќ сезонава.
Динамо без него е изгубен
Играше под блокади, минуваше часови на терапија за да биде подготвен за клучни натпревари, како оној на гостувањето кај Шахтјор во ЛШ во 2019 година, а и кога не можеше да игра, патуваше со тимот на гости. Во Виена против Рапид, беше на клупа со патерици, урлаше и им даваше совети на соиграчите, а подоцна инсистираше да игра, кога тоа не беше најпаметно за неговото здравје. И тоа не му беше прв пат.
Во оваа сезона на Динамо полна со турбуленции, страшно недостасуваше. Отсуствуваше на двата натпревари против Шериф, пропушти четири големи дербија против Риека, Хајдук и Осиек, а Динамо без него не победи на ниту еден од тие натпревари. Сезонава имаше три повреди, но поради тоа не ја загуби главата, туку повторно беше со играчите кога им беше најпотребно.
Муда, ментална сила и лојалност
Главата (психата) му беше најголемиот адут во целата кариера. Секогаш беше темпераментен. Знаеше да се расправа со судиите и противничките играчи, понекогаш и на раб на инцидент, но знаеше и кога да закочи. Во ваква деликатна фаза од сезоната не може да му се случи да прави такви глупости како Калиниќ и Ливаја, па со третиот жолт картон значително да ги намали шансите на својот тим да победи и да се бори за титулата.
Не случајно влезе во оние шанси против Риека и Горица и не случајно ги постигна тие голови. Не случајно преживеа суспензија од две години поради допинг и не случајно три пати се враќаше сезонава по повреда. За тоа се потребни големи муда, ментална сила и лојалност. Тоа е она што ги краси легендите.