Викинг е нов шампион во најдобрата лига на Норвешка. Клубот од градот Ставангер го симна Бодо Глимт од тронот (шампион 4 од последните 5 сезони) и за првпат после цели 34 години ја крена шампионската титула.
Голема борба до самиот крај водеа Викинг и Бодо Глимт, норвешкиот редовен претставник во еврокуповите кој на 3 кола пред крајот се лизна кај Валеренга кога изгуби 3-1 и Викинг тогаш бодовно избега на две кола пред крајот.
„Викинзите“ ја освоија шампионската титула со најтесна бодовна разлика од само 1 бод пред второпласираниот Бодо Глимт и ова е првпат после 2013-та во Норвешка да има разлика од само 1 бод меѓу првиот и вториот на крајот. Тогаш Стромсгодсет завршил прв пред Розенборг.
Викинг победил на 11 од последните 13 натпревари во првенството и заслужено стигнал до пехарот.
Интересно во последното коло „викинзите“ ја победија токму Валеренга 5-1 и за само 1 бод повеќе завршија први пред Бодо Глимт.
Сите играчи на крајот испопаѓаа на теренот со солзи радосници за неверојатниот подвиг. Чист излив на емоции меѓу играчите и навивачите кои го окупираа теренот.
Што е уште поинтересно, Викинг ќе игра директно во баражот за Лига на шампиони следната сезона односно ќе има сигурно загарантирано место во Лига Европа.
КОЈ Е ВИКИНГ?
Овој клуб е еден од најтрофејните во Норвешка, со 9 освоени шампионски титули но последната им датираше од 1991-ва па многу генерации го сонувале пехарот цели 34 години.
Шест од тие девет титули на Викинг дошле од 1972 до 1982 година.
Од познатите тренерски имиња, Рој Хоџсон седел на клупата на Викинг година ипол од во 2004-та и 2005-та година.
Од поголемите успеси во еврокупови тие може да се пофалат дека го исфрлиле Челси во првата рунда на Куп УЕФА во далечната 2002-ра година со вкупен резултат 5:4 после два натпревари.
Во 2018-та биле пред банкрот откако потрошиле еден куп пари на недоволно квалитетни играчи па испаѓањето во втора лига било неминовно. Со новиот тандем тренери Бјарте Лунде Арсхајм и Мортен Јенсен, и двајцата од Ставангер, сфатиле дека треба да се вратат на своите корени, да играат деца од Ставангер и од локалните места кои знаат што значи овој клуб за нив.
Прво се вратиле во прва лига, па завршиле на трето место таму во силна конкуренција во 2021 и 2024.
ПРЕД СКОРО ВРЕМЕ БЕА ПРЕД БАНКРОТ, СЕГА ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Во јануари 2018-та година, пред 7 години клубот од Ставангер чиј надимак е „нафташите“ бил пред колапс. Малку фалело да прогласат банкрот во втора лига и да го згаснат клубот.
Но некаде во „пет за 12“ помош им понудила банката СР-Банка која ги покрила сите долгови, станала генерален спонзор на клубот и го презела стадионот за возврат.
Истата сезона се случил неверојатен пресврт па Викинг запнал со сите сили и во 2018-та се врати во најсилната прва лига на Норвешка.
НОВИ ПРИКАЗНИ ВРЕДНИ ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦ И ФИЛМ
И токму од 2018/2019 тргнува нивната бајка. Прво го освојуваат Купот на Норвешка и тоа после цели 18 години без ниту еден освоен трофеј! А во финалето на Купот го победиле најголемиот ривал - Хаугесунд со 1-0.
На клупата во 2021-ва година седнува тренерски тандем Мортен Јансен и Бјарте Лунде Арсхајм кој заеднички ја водат екипата откако го наследиле Бјерне Бернтсен кој претходно ги внел во елитната прва лига.
После две освоени трети места во прва лига, конечно во 2025-та дојде сонувата шампионска титула така што на навивачите и на многу генерации сега ќе им следи прво возбудливо европско искуство во групна фаза на некој куп. Ако не влезат во Лига на шампиони каде ќе играат само на последното скалило, ќе завршат сигурно во Лига Европа.
ЛИДЕР Е ХРВАТСКИ ФУДБАЛЕР
Клучен играч за големиот успех и шампионска титула на Викинг е 33-годишниот Златко Трипиќ, Хрват роден во Ријека. Тој игра во нападот, капитен е и лидер на екипата. Во Ставангер дошол во 2018-та година кога испаднале од лига.
На 3-ти декември (во среда) ќе полни 33 години.
Златко Трипиќ претходно ја освоил титулата во Норвешка во 2011 и 2012 со Молде. Играл и во Шериф Тираспол во Молдавија од каде дошол во Норвешка.
„Неверојатна приказна. Испаднавме во 2017/2018 и големо изненадување беше што Златко дојде. Тој е профил на играч, некој за кој не сме ни помислиле дека ќе дојде. Мислевме дека дошол само за да се одржува во форма и да тренира.
Но нему навистина му се допадна идејата да го понесе клубот до нешто големо и да стане дел од историјата. Викинг е традицонално голем куб, но беше долу во пепелта. Златко е голем дел од враќањето на Викинг горе на врвот на табелата“, вели Ларс Рисан, долгогодишен навивач на „нафташите“.
Во екипата на Викинг мнозинството играчи се од Норвешка, имаат двајца Данци (Петер Кристијансон и Андерс Бертелсен), го имаат Исланѓанецот Хилмир Рафин Микаелсен, двајца Австралијци (Џани Стеснес и Николас Д'Агостино) и еден фудбалер од Нов Зеланд - Џо Бел.
Сезонава Викинг играше во квалификации за Лига Конференции, го совладаа Копер убедливо со две победи (7:0 и 5:3) но испаднаа после од турски Башакшехир (1:3, 1:1).
Викинзите одат по стапките на Бодо Глимт и ќе биде интересно да се види какви ќе бидат следната сезона кога сигурно ќе го засилат составот и ќе се обидат пак да бидат конкурентни за шампионска титула.
СТАДИОН ЗА 16.000 ГЛЕДАЧИ
„Лусе Арена“ или „Викинг Стадион“ е домот на Викинг во градот Ставангер. Овој град е трет најголем во Норвешка по површина и четврти по број на население (околу 148.800 жители).
Стадионот „Лусе Арена“ е изграден во 2004-та година и неговата изгредба чинела речиси 20 милиони евра. Има капацитет од 16.600 гледачи. Теренот од 2018-та година има вештачка трева како и повеќето фудбалски терени ширум Норвешка.
Интересно на оваа фудбалска Арена концерти имале познати ѕвезди како Брајан Адамс, Р.Е.М., Роџер Вотерс, Боб Дилан, Пласидо Доминго, Роби Вилијамс, Бон Џови, Ајрон Мејден...