Аргентина не знае за пораз на 32 меча, имаат 22 победи и 10 нерешени

Аргентина продолжува да испишува историја. Репрезентацијата предводена од селекторот Лионел Скалони кој многу тивко седна на клупата на „гаучосите“, веќе 32 меча по ред не почуствувала горчина на пораз.

Со убедливата победа 3:0 над Италија, Аргентина ја урна и својата досегашна непобедлива рекордна серија од август 1993-та кога на 31 меч по ред не знаеле за пораз.

Оваа серија денес на Аргентинците започна во јули 2019-та година кога го победија Чиле во мечот за бронзен медал на Копа Америка.

Од тогаш до сега Меси и другарите немаат ниеден пораз: ни на официјални ни на пријателски средби. Во серијата спаѓа и големата победа на Копа Америка 2021, кога Меси го освои првиот трофеј со својата репрезентација во кариерата.

Аргентина има дури 22 победи и 10 нерешени со гол разлика 56:17. Имаат и победничка серија од 7 меча по ред.

Одбраната исто им игра на врвно ниво со 14 натпревари без примен гол. Притоа мора да се има предвид дека играат против мошне сериозни селекции како Уругвај, Бразил, Чиле, Колумбија, Парагвај итн.

Последен пат изгубија во полуфинале на Копа Америка 2019-та од Бразил. На тој меч Габи Жезус и Роберто Фирмино имаа по гол и асистенција.

ДАЛИ МОЖЕ ДА ГИ УРНАТ СИТЕ РЕКОРДИ?

Неодамна Италијанците поставија нов светски рекорд со серија од 37 меча без пораз по ред. Интересно репрезентацијата на Алжир до последно сакаше да испише историја и да го надмине рекордот но заостанаа пар чекори зад рекордот на Италија.

Во октомври 2021-ва година Италија изгуби дома од Шпанија во полуфинале на Лига на нации и така заврши славната серија на Манчини. Тоа беше прв пораз од септември 2018-та а тука е големиот триумф на Евро 2020.

Шпанците исто имаат фантастична серија без пораз. „Црвената фурија“ во 2007-ма започна победнички марш кој траеше цели 35 натпревари и заврши во 2009-та.

Серијата на Алжир траеше исто 35 натпревари. Падот им следеше на Купот на Африкански нации 2022 кога прво изгубија од аутсајдерот Екваторијална Гвинеа 0:1 а после и од Брег на Слонова Коска и испаднаа од турнирот.

Во Јужна Америка ваква серија со 35 меча без пораз има Бразил од 1993 до 1996-та. 

ФИНАЛИСИМА Е 20. ТРОФЕЈ ВО ИСТОРИЈАТА НА АРГЕНТИНА

Гаучосите ја зголемија разликата од Бразил во однос на освоените трофеи, па така Аргентина има 20 пехари од разни турнири а кариоките имаат 18. Но важно е да се напомене дека тука се сметаат и пехарите освоени на турнирот Артемио Франки кој беше претходница на овој нов натпревар Финалисима, предвиден за шампионот на Јужна Америка и првакот на Европа.

Ова е трет трофеј на Меси со репрезентацијата. Има злато од Олимписки Игри 2008 и Копа Америка 2019. Сега го крена и пехарот на Финалисима 2022. Следен сон на Лео е Катар 2022.

Аргентина ѝ одржа лекција на Италија за пехарот во Финалисима

2 јуни 2022 - 09:47