Арапите купуваат и навивачи

Плаќањето на патувања, влезници и реквизити за навивачите ни е добро позната традиција која ја практикуваат многу спортски клубови во Македонија, но богатите арапи се еден чекор понапред. Освен за купување на клубови и фудбалери, тие не штедат пари и за навивачи на кои им плаќаат за да одат на стадион.

И додека навивачите во западна Европа секој викенд трошат огромни суми за превоз до стадион, пиво и карта за натпревар, некои навивачи не само што не трошат ни денар туку тие дури и заработуваат од гледање фудбал.

Добро е познато дека голем дел од спортските клубови во Македонија ги привлекуваат навивачите со тоа што не им наплаќаат карти на „најзагреаните", а често и им ги спонзорираат патувањата и изработката на реквизити, но фудбалските клубови од Обединетите Арапски Емирати имаат пооригинален начин за полнење трибини. Тие плаќаат дневници за навивање.

Вообичаена тарифа за возрасни навивачи е околу 650 денари по натпревар, а децата помали од 12 години добиваат околу 350. Оние навивачи кои биле поактивни во навивањето можат да добијат и бонус од 350 денари. Освен парите, навивачите добиваат и бесплатен превоз, како и сендвич и сокче за време на натпреварот.

Фудбалските клубови имаат вработено луѓе чија должност е да регрутираат навивачи. Нивна најлесна мета се жителите на посиромашните предградија каде има доселеници од Јемен, Оман и Иран. Тие ги носат навивачите со автобуси до стадионот каде пристигнуваат барем 45 минути пред натпреварот за да имаат време да ги научат и извежбаат навивачките песни.

Челниците на лигата дури имаат објаснување и го оправдуваат овој чин.

За нас фудбалските клубови се како семејства. Ние сме познати по гостопримството и кога фудбалски клуб ги кани навивачите на натпревар, тоа е исто како кога некој член од семејството те кани кај него дома. Затоа не е во ред домаќинот да наплаќа пари, туку навивачите треба да се третирани како вистински гости", изјави потпретседателот на лигата.

Просечна посетеност на еден натпревар од Про лигата на ОАЕ е 3.240 гледачи, но клубовите тврдат дека не им плаќаат на сите навивачи.

25 септември 2012 - 10:43