Минатата сезона Вардар „за влакно“ испадна од Динамо Загеб во второто коло од квалификациите за Лига на шампиони и заработи неколку стотици илјади евра. Во моментов македонскиот шампион се наоѓа пред предизвик којшто би му донел две и тоа како корисни работи: прво - сигурна европска есен со кремот на европскиот фудбал (најмалку шест меча) и минимална заработка од 6.180.000 евра!
Сево ова само во случај да го мине данскиот шампион кој веќе ја има помирисано групната фаза на Лига на шампиони и Лига Европа. Сумата од 6.180.000 евра се добива севкупно од бонусите со кои УЕФА ги наградува учесниците: Вардарци за сега имаат сигурни 1.245.000 евра па и до крајот на летото да не победат ниту еден противник.
Како оди редот на бонусите: 260.000 евра Вардар заработи само за тоа што како шампион на својата држава ги започна квалификациите за ЛШ. Дополнителни 320.000 евра Грнчаров и другарите му донесоа на клубот со учеството во второто коло и плус 420.000 евра што го елиминираа Малме, а сега и да испадне, Вардар има загарантирано и 245.000 евра од таканаречениот solidarity payments којшто УЕФА им го плаќа на клубовите кои порано ги завршиле настапите.
Вкупно само од учество, без приходите од телевизиски права, спонзори и продадени влезници: 1.245.000 евра!
А во случај да ги мине Данците, во клубот нека купуваат поголема каса.
Тогаш Вардар ќе земе 6.180.000 евра. Тоа е сумата која што УЕФА ја доставува на следниот начин: Од фондот на Лига на шампиони Вардарци би добиле 3 милиони евра за пласман во плејофот и 2 милиони и 600 илјади евра за сигурно учество во групната фаза на Лига Европа (во случај да се лизне на последната скала на патот до ЛШ во баражот) плус 260.000 евра што ги започнал квалификациите и 320.000 евра што играше во второто коло. Во таков случај би му се отпишале оние 245.000 евра од фондот за солидарност затоа што не испаднал.
Во случај да го досонува сонот на спортска Македонија и да се пласира во Лигата на шампионите, Вардар би заработил 15.280.000 евра! Учеството во плејофот носи 2 милиони евра, стартот во групната фаза неверојатни 12 милиони и 700 илјади евра а на тие пари им се додаваат и 260.000 евра за почеток на натпреваувањето и плус 320.000 евра за учество во второто коло.