Клубот од Амстердам сезонава во ЛШ заработил најмалку 98,65 милиони евра и наскоро ќе стигне до цифрата од 100 милиони евра. За холандскиот фудбал ова е неверојатно достигнување, особено што гигантот Ајакс за сезоната 2017/2018 имал годишен буџет од 92 милиони евра.
Ова сугерира дека од една сезона во ЛШ, „Копјаниците“ ќе заработат многу повеќе од нивниот стандарден годишен буџет.
ВО ШТО СЕ СОСТОИ ЗАРАБОТКАТА?
- 15,25 милиони евра е фиксна заработка за пласман во групна фаза и волку пари добива секој од 32 клуба во ЛШ (само Ајакс минатото лето се помачи повеќе од останатите, затоа што играше 3 квалификациски кола: против австриски Штурм, против белгиски Стандард Лиеж и киевски Динамо).
- 18,8 милиони евра на Ајакс ќе му донесе историскиот рејтинг во еврокуповите. Почнувајќи од сезонава, секој учесник во ЛШ добива бонуси чиј размер зависи од резултатите во еврокуповите во последните 10 години. Ајакс во моментов го зазема 16. мест на табелата според коефицентите меѓу 32 клуба. За тоа ќе добие 18,8 милиони евра.
- 10,8 милиони евра е премијата која Ајакс ја „обра“ во групната фаза (победа носи 2,7 милиони, а нерешен резултат 900.000 евра). Тимот од Амстердам имаше 3 победи и 3 нерешени во групната фаза.
- 32 милиони евра Холанѓаните добија за пласман во нокаут фазата. За проаѓање на групите, УЕФА плаќа 9,5 милиони евра, за четвртфинале плус 10,5 милиони евра, а за пласман во полуфинале плус нови 12 милиони евра.
- 6,3 милиони евра добил Ајакс како премија за резултатите само во нокаут фазата. Две победи (над Реал и Јувентус на гости) и една нерешена (со Јуве дома).
- Околу 11 милиони евра Ајакс заработил од влезниците за натпреварите во Лига на шампиони. 6 милиони евра им донеле три домашни меча во групна фаза, 3 милиони земале од продажба на влезници за првиот меч со Реал и уште 2 милиони за преполн стадион против Јувентус.
- Не помалку од 4,5 милиони евра на некогашниот клуб на Јохан Кројф му донеле и тв правата. Парите од телевизиските преноси (за цела Европа буџетот е 292 милиони евра) се распределуваат во однос не со резултатите, туку со обемот на националниот пазар.
Холандскиот просек на гледаност е скромен, па затоа и Ајакс зема значително помалку од гигантите. Но овие 4,5 милиони евра клубот ги добил за тв правата на натпреварите од групна фаза, а не и за оние спектакуларните од плејофот кои УЕФА ќе ги пресмета дополнително.
- Ова секако не е конечна сума која што Ајакс ја заработил, затоа што минимум 2 милиони евра ќе заработат од првиот полуфинален домашен меч во ЛШ против Сити или Тотенхем за некоја недела.
Второ, ќе ги зголемат бонусите и од групна фаза, затоа што се смета и патот на секој клуб од првиот до последниот натпревар. Тука не се пресметани заработките од веќе договорената продажба на Френки де Јонг, како и веројатните трансфери на Де Лихт, Нерес и Зиеш, така што Ајакс ќе го полни буџетот и повеќе од досега заработените 100 милиони евра.
СЕВО ОВА НА АЈАКС МУ ГО ОВОЗМОЖИЈА БИСЕРИТЕ:
Андре Онана (23 години) - дојде од системот на Барселона на 18 годни
Нусаир Мазрауи (21) - дете од школата на Ајакс
Матејс Де Лихт (19) - дете од школата на Ајакс
Дејли Блинд (29) - дете на клубот, во 2018 се врати од Манчестер Јунајтед за 16 милиони евра
Николас Таљафико (26) - во 2018 дошол од Индепендиенте за 4 милиони евра
Ласе Шене (32) - во 2012 година дошол како слободен агент од НЕК Најмеген
Френки Де Јонг (21) - На 17 години премина од Вилјем Втори во Ајакс за само 1 евро и процент од идната препродажба
Дони ван ден Бек (21) - дете од школата на Ајакс
Хаким Зиеш (26) - во 2016-та дојде во Ајакс од Твенте за 11 милиони евра
Давид Нерес (22) - во 2017-та дојде во Ајакс од Сао Пауло за 12 милиони евра
Душан Тадиќ (30) - дојде минатото лето од Саутемптон за 11,5 милиони евра
Јоел Велтман (27) - дете од школата на Ајакс
Клас Јан-Хунтелар (35) - после 8 години се врати во Ајакс како слободен агент
Каспер Долберг (21) - дошол во Ајакс на 17 години од дански Силкеборг
*****
Ајакс долго и безнадежно се бореше да се врати каде што му е место на европска сцена. Ако во 2011 година разликата меѓу клубот од Амстердам и 20 други европски клуба по приходи била само 11 милиони евра, во 2018 стасала до 107 милиони евра приходи разлика.
За тоа има многу причини, во прв ред ограниченоста на холандскиот пазар кој во споредба со англискиот и шпанскиот (Ајакс од тв права зема 10 милиони евра помалку, генералниот спонзор Ziggo плаќа само 8 милиони евра годишно), носи помалку.
Моделот на опстанок на Ајакс во такви услови, одамна е поставен: се продаваат најдобрите играчи за клубот да може да преживее. Во последните три сезони заработиле 74 милиони евра од продажба на играчи. Притоа не можат да се носат со плати на играчи како што можат гигантите, на пример Ајакс минатата сезона за плати потрошил 53 милиони евра, а Јувентус 259 милиони евра.
Но од друга страна, ако до сезоната 2016/2017 Ајакс не трошеше многу (не повеќе од 13 милиони евра по сезона за нови играчи), во последните три сезони активно реинвестира: 36 милиони, па 28 милиони и сезонава 42 милиони евра за трансфери.
Ова дава одличен резултат и им овозможува нова заработка од препродажба на играчи. Лига на шампиони и трансферите се објективно главниот извор на приходи на трофејниот клуб од Амстердам.