34-годишниот Андре Вилаш Боаш до неделата беше најмлад тренер во англиската Премиер лига. Со екипата на Порто тој освои четири трофеи и стана најмлад тренер со европска титула. Неговиот ангажман кој Челси го чинеше 15 милиони евра беше најскапиот трансфер на тренер. Медиумите во него го видоа новиот Мурињо, но тој го разочара сопственикот Роман Абрамович.
На клупата на Челси се задржа 256 денови, период за кој клубот одигра 40 натпревари од кои триумфираше на 19, одигра 11 нерешени и забележа 10 порази.
Португалецот веќе подолго време работеше под притисок заради слабите резултати, а во последниот месец изостана и поддршката од неговите фудбалери. Чашата ја прели поразот од Вест Бромвич Албион по кој Челси се наоѓа на петтата позиција и наместо за шампионската титула, до крајот на сезоната тие ќе се борат за пласман во Лигата на шампиони.
Екипата до крајот на сезоната наместо португалскиот стручњак ќе ја предводи досегашниот асистент Роберто Ди Матео. Италијанецот минатата година беше менаџер на ВБА, а во минатото дресот на Челси како фудбалер го носеше од 1996-та до 2002-та година.