Динамо Загреб е владетел во хрватскиот фудбал со 18 освоени титули за 25 години од кои 11 успеа да освои по ред. За нивната трансфер политика има анализа и на сајтот на Џанлука ди Марцио, најголемиот инсајдер за трансфери во италијанскиот фудбал.
Го нарекуваат жариште на таленти, плодна почва, лулка на фудбалот во која расте хрватската младина и потоа заминува во странство. Динамо Загреб низ годините има свртено приходи од над 200 милиони евра, а доколку Здравко Мамиќ од клубот не направеше супермаркет со овој тим сигурно немаше да биде аутсајдер во Лига на шампиони.
Динамо Загреб во формација 4-3-2-1 во случај најдобрите да не беа продадени:
Едуардо – Португалскиот голман е првиот и единствен играч на оваа листа кој не е Хрват. Дојде како слободен играч од Џенова и се препороди. По две години во Загреб направи трансфер во Челси за 5 милиони евра.
Шиме Врсајко – Освои 4 титули со Динамо, беше на позајмица во Локомотива и потоа правец во Серија А. Џенова за него плати 5 милиони, а потоа заигра и за Сасуоло. Во игра за него беа Милан, Јувентус и Наполи, а Атлетико Мадрид го потпиша за 16 милиони евра + 2 милиони евра бонуси.
Ведран Чорлука – Дресот на Динамо го носеше од 8 годишна возраст, но дефанзивецот кој може да игра и како централен и како страничен бел во 2007 година почна меѓународна кариера. Прво замина во Манчестер Сити за 5 милиони евра, потоа за иста сум отиде во Тотенхем кој го прати малку на позајмица во Баер Леверкузен. Од 2012-та е член на Локомотив Москва, а Фиорентина за него понуди 7 милиони евра.
Дејан Ловрен – Растен во Германија, Ловрен се пресели во Хрватска која му беше отскочна даска за кариерата. Играше за Динамо, беше на позајмица во Интер Запрешиќ, а во 2008-ма замина во Лион за 7 милиони евра кој му го препродаде на Саутемптон за 10. Стоперот изненади со трансфер на Енфилд Роуд вреден 25 милиони евра.
Тин Једвај – По 13 настапи за првиот тим на Динамо каде заигра од младинскиот сектор, пристигна понуда од Рома која го купи за 5 милиони евра. Одигра само два пати и тоа и двата меча против Џенова, а потоа правец во Германија каде доби поголема шанса. Доби договор со Баер Леверкузен до 2020 година за трансфер вреден 7 милиони евра.
Лука Модриќ – Дел од младината на Динамо е и талентираниот плејмејкер кој стана еден од најдобрите во светот на својата позиција. Интер Запрешиќ и Зрински се двете негови позајмици по следуваше трансфер во Премиер лигата за 20 милиони евра. Од Тотенхем направи трансфер од соништата и заигра за Реал Мадрид.
Марко Рог – Еден од летните засилувања на Наполи ова е лето е 21 годишниот играч од среден кој по настапите на Европското ова лето за Хрватска, си ја качи цената на 15 милиони евра, сума која за него ја потроши Де Лаурентис. Кариерата му почна во Вараждин, а потоа беше член на Сплит од каде Динамо Загреб го купи за 5 милиони евра, што е најскап трансфер во хрватскиот фудбал.
Марсело Брожовиќ – Фудбалерот на Интер е еден од многуте играчи кои преку Локомотива стигнаа до Динамо Загреб кој за него плати 2 милиони евра. Во зимскиот преоден рок во 2015-та замина на позајмица во Интер кој целосно планира да го откупи.
Матео Ковачиќ – Требаше да биде замена за Модриќ и беше барем три сезони во Динамо Загреб. Матео е Хрват роден во Австрија кој кариерата ја почна во Динамо каде беше дел и од младинската академија. Интер за него исплати 11 милиони евра, а тој како да има етикета на недокажан талент кој не може да си ја најде точната позиција во среден ред. Во него верува Реал Мадрид кој лани го купи за 31 милиони евра. Во првата сезона не доби многу шанси, па оваа втората можеби за него ќе биде пресвртница во кариерата.
Марко Пјаца – Уште еден скапоцен талент од хрватската младина кој заврши на европскиот пазар. Загрепчанецот почна во Локомотива, па Динамо, а летово се пишуваат разни шпекулации за неговата иднина. Го потпиша Јувентус за сума од 23 милиони евра.
Марио Маџукиќ – Ако во формацијава фали расен голгетер тогаш еве го. Во Динамо отиде во 2007-ма за 1,5 милиони од НК Загреб. Потоа Мамиќ му го продаде на Волфсбург за 7 милиони каде за 3 години постигна 53 гола. Следуваа трансфери во Баерн (13 милиони), Атлетико (20 милиони) и Јувентус (30 милиони)
Резервни играчи: Милан Бадељ, Јозо Шимуновиќ, Домагој Вида, Андреј Крамарчиќ, Ален Халиловиќ, Нико Краљчар, Едуардо, Ивица Олиќ, Анте Чориќ.