30 години од денот кога Бабунски плачеше од тага, а Југославија од радост

25 октомври е датум кој е влезен во аналите на југословенскиот спорт и ден кој се одбележува во Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, БиХ и Словенија. Најдоброто од овие простори му покажа на светот како се игра фудбал.

Бобан, Шукер, Јарни, Просинечки, Штимац, Мијатовиќ и останатите избраници на Мирко Јозиќ треба вечерва да седнат во кафана и да почнат со муабетот „Сечате ли се шта смо урадили“?
 
Пред точно три децении овие момци кои подоцна ќе станат слави фудбалски имиња, отпатуваа на младинскиот Мундијал во Чиле 1987 без никаква помпа и со само еден новинар кој известуваше од лице место, а се вратија дома како народни херои.

Тоа беше време кога Аргентина го имаше Марадона кој блескаше во Наполи, Холандија се гордееше со Ван Бастен кој ги полнеше мрежите за Ајакс, Бразил во составот го имаше Бебето, а Енцо Франческоли беше свеж од успехот со Уругвај кој два пати во низа ја освои Копа Америка.
 
И додека никој пред стартот на првенство не ги споменуваше Југословените, наскоро нема да биде така. Борбената младинска селекција на Југославија одигра најдобар фудбал и со најефикасен напад од 17 голови стигна до златниот пехар.

ГРУПНА ФАЗА
Југославија - Чиле 4:2
Југославија - Австралија 4:0
Југославија - Того 4:1
 
ЧЕТВРТФИНАЛЕ
Југославија - Бразил 2:1
 
ПОЛУФИНАЛЕ
Југославија - Источна ГЕрманија 2:1
 
ФИНАЛЕ
Југославија - Западна Германија 1:1 (5:4 на пенали)

За најдобар играч на тоа Светско беше прогласен Роберт Просинечки, а втор стрелец беше Давор Шукер со 6 погодоци.
„Сите го земаа здраво за готово фактот дека тоа ќе бидат само три натпревари во групна фаза и потоа дома, па така јас бев единствениот новинар пратен во Чиле. Но прво го победивме домаќинот, потоа продолживме со победи и никој не ни даваше шанси и покрај тоа што игравме убав фудбал. Јас се надевав дека ќе имам малку време и за прошетка, но работев деноноќно. Беше лудо“, изјави Тома Михајловиќ.

Бобан Бабунски беше единствениот Македонец кој беше избран во таа топ генерација на Југославија, но и покрај тоа што беше на припреми, не отпатува за Чиле поради строгиот чичко Дончо.
„Југословенската федерација веќе имаше извадено виза за мене, ја добив и опремата, но на два дена пред тргнувањето за Чиле бев суспендиран од тренерот Дончевски и ми беше забрането да и се приклучам на репрезентацијата. Тренерот беше лут поради неуспехот против Порто (порази со по 0-3 во КЕШ со Вардар). Казни неколку фудбалери, меѓу кои бев и јас. Ми беше многу тешко, не играв 2-3 месеци и дури размислував и да ја прекинам фудбалската кариера“, стои во една изјава на Бабунски.