Пред три дена одбележавме точно две децении од првиот меч на нашата селекција која предводена од првиот селектор во независна Македонија, Андон Дончевски ја совлада на гости Словенија со високи 4:1.
Но овој јубилеен месец и година место да бидат повод за успех и славје, мотив и инспирација за пишување за една дводецениска фудбалска бајка, тие ни донесоа разочарување и гнев кој кулминираше со срамната петарда која вчеравечер "пукна" во Јагодина.
За натпреварот бадијала е повеќе да се трошат зборови. Го видовме сите, се изнамачивме 90 минути пред малите екрани заедно со нашите фудбалери кои беа тотално дезорентирани и немоќни како да му гостуваат на Бразил.
20 годишнината од првиот натпревар не можевме полошо да ја прославиме. Таа ни пристигна во годината во која го одбележуваме десетиот квалификациски циклус кој наместо да ни донесе радост и развеани знамиња како што е во БиХ, не депримираше со најлошите квалификации во историјата.
Македонија одигра пет циклуса за светските и пет за европските првенства. Резултатите ги знаете, но во овој дведецениски историјат вреди да се споменат, да се анализираат, а тие што се одговорни за нив да се запрашаат зошто ни се случуваат.
Европските квалификациски авантури до сега три пати ги завршуваме на четвртото место (1996, 2000 и 2004) и два пати на петтото (2008 и 2012). Слично е и кај квалификациите за светското со три пати освоено четврто место (1998, 2002 и 2010), едно петто (2006) и последново најмизерно на последната шеста позиција со само две победи на 10 меча и со само 7 постигнати голови.
Секакви изговори се излишни по овој десетти квалификациски циклус кој место да биде најуспешен, го завршивме најнеславно. Немаме среќа, топката не сака да влезе, добро игравме и заслуживме барем бод, не ни досудија пенал. Сето тоа е бадијала.
Македонија не мрдна од проклетото четврто место, и покрај тоа што беше предводена од вкупно 14 селектори кои си заминуваа или беа отпуштани после секој квалификациски циклус или за време на него.
Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Слободан Сантрач, Бобан Бабунски, Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Влатко Костов, Џон Тошак, Гоце Седловски, Чедомир јаневски и сегашниот Зоран Стратев досега беа на малерозната селекторска фотеља.
За тоа време во репрезентацијата продефилираа стотици фудбалски имиња, најчесто интернационалци кои не донесоа резултати. Најдобар стрелец во репрезентацијата е Горан Пандев со 26 гола кој не успева да ја затресе мрежата на квалификациските мечеви веќе 5 години.
На ранг листата на ФИФА бевме најлоши во 1994 година со 147 позиција, додека највисокиот пласман го остваривме во 2008 година со 46 место.
Одговорноста за неуспехот во спортот кој е најгледан во светот и кој сите посакуваме да ни донесе радост оди кај сите. Кај фудбалерите, селекторите, федерацијата. Глупавата теза во медиумите дали е подобро со странски или домашен селектор се покажа како губење време.
Македонија веќе ги смени сите познати фудбалски стручњаци од нашата земја, а неколку пати се обиде и со познати и скапи странски тренерски имиња. Резултатите ги нема. За нив треба пот и срце на терен од првата до последната минута, а не прошетка и бламажа како што беше вчера во Јадогина.
Фудбалската Федерација на Македонија работи ли нешто за доброто на фудбалот? Ќе направи ли нешто да се стави крај на аматеризмот во домашната лига која наликува на маалски турнири кои се повеќе посетени? Дали можеби некогаш ќе им текне дека талентираните фудбалери со македонски корени кои се распрскани низ светот треба да се ловат со тим на скаути?
Не мора да учи од Шпанија, Италија, Бразил или Аргентина, туку нека го погледне моделот од оние со кои бевме заедно до пред 20 години. Тој досега се покажа како успешен за сите поранешни југословенски простори.
Хрватска одигра до сега три светски првенста (1998, 2002 и 2006), ќе игра бараж за четврто, а учествуваше и на четири европски (1996, 2004, 2008, 2012). Србија може да се пофали со три светски (1998, 2006, 2010) и едно европско (2000).
Словенците беа дел од два Мундијали (2002 и 2010) и ЕУРО 2000, а вчеравечер Босна и Херцеговина го прослави историскиот прв пласман на Светското првенство во Бразил. Црна Гора не може да ни биде утеха затоа што прогласи независност во 2006 година и стана членка на ФИФА и УЕФА една година подоцна.
За нив ова беа втори квалификации за Светско првенство, но и тие го завршија подобро од нас и тоа на третата позиција.
Добивме стадион во нашиот главен град за кој се фалевме дека бил еден од најубавите на Балканот, имаме и нова таканаречена „Куќа на фудбалот" со повеќе игралишта за сите категории, но октомври 2013 за жал ќе биде запаметен како месец во кој ја одбележуваме 20 годишната неуспешна фудбалска приказна.