На денешен ден пред точно 20 години, фудбалската репрезентација на Македонија во Крањ против Словенија го одигра првиот натпревар од независноста на нашата земја.
Андон Дончевски ја имаше честа да ја предводи Македонија на овој натпревар на кој нашата репрезентација настапи во состав: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63' Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86' Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12' Горан Георгиевски, 73' Сашо Милошевски), Тони Мицевски.
Стрелец на првиот погодок во историјата на македонската репрезентација беше Зоран „Чоко" Бошковски уште во третата минута, а по него во листата на стрелци се запишаа и Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драган Канатларовски за конечни 1:4.
Од тогаш нашата репрезентација има одиграно 183 натпревари на кои има забележано 53 победи, 48 нерешени и 83 порази.
Еден од тие порази е посебно болен и се има случено на истиот историски датум на македонската фудбалска репрезентација.
На 13 октомври во 2004-та година Македонија и гостуваше на Андора во рамките на квалификациите за Светското првенство во Германија во 2006-та година.
Наместо лесна победа над келнерите од Андора, нашите примија гол во 60-та минута. Тоа беше единствен гол на натпреварот и прва и единствена победа на официјален натпревар во историјата на Андора.