Ниту една екипа во историјата на Серија А немала ваков маестрален почеток на сезоната како Рома која по осум минати кола има максимален број на бодови, 22 гола дадени и само еден примен гол.
Со оглед на составот со кој располага Антонио Конте, годинава засилен со напаѓачкото дуо Тевез-Љоренте и кој два пати по ред ја слави титулата, фаворитската улога повторно ја имаше „Старата дама", а по неа амбициозниот тим на Наполи кој исто така беше меѓу најактивните на трансфер пазарот.
Но спортската јавност во Италија е изненадена од развојот на настаните во Серија А, па почна веќе да го анализира досегашниот успех на Рома, како и нивниот потенцијал и шансите за враќањето на титулата која последен пат ја освоија пред 13 години.
Рома сезонава е предводена од новиот стратег Рудија Гарсија кој одлично го води тимот кој годинава има неколку промени во стартните 11. Имаат пет бода предност пред Јуве и Наполи, мрежата не им затресена веќе 500 минути, а веќе го минаа првиот тежок противник Наполи.
Но вистинскиот тест за тимот од Рома допрва доаѓа. Во наредните 40 дена нема да може да смета на капитенот Тоти кој игра во одлична форма, а поради повреда овој викенд нема да настапи ниту Жервињо кој се покажа како вистинско засилување.
Ова се десетте причини кои медиумите во Италија ги наведуваат, зошто тимот треба да верува во Скудетото, но недостасува да го споменат и богатиот бонус од 10 милиони евра кој претставува дополнителен мотив и кој би го поделиле на крајот од годината.
1. Разликата од пет бода во однос на конкурентите Јувентус и Наполи.
2. Одличната одбрана. Тимот нема примено гол точно 502 минути.
3. Несигурноста на конкурентите. Јуве на осум меча има примено 10 гола.
4. Не игра во Европа и има повеќе време за одмор, тактика и заздрауввање на повредените.
5. Мундијалот во Бразил е дополнителна мотивација за играчите како Балѕарети, Флоренци, Мајкон и Тоти.
6. Среден ред кој има се: рамнотежа, техника и брзина.
7. Физичка подготвеност.
8. Одлични крилни напаѓачи како Жервињо и Флоренци
9. Желбата на Тоти кој со 37 години игра над своите можности.
10. Ефикасни, едноставни и логични одлуки на тренерот.