10 факти за одличната сезона на Њукасл кој брка Лига на шампиони

На крајот од декември тренерот на Њукасл, Еди Хау изјави: „Сè е во наши раце. Не сомневам дека вториот дел од сезоната ќе биде потежок, но тоа е нормално. Сигурни сме во себе и спремни за предизвиците.“ Њукасл се бори за самиот врв со гигантите и тоа е најголемо изненадување на сезоната.

Со доаѓањето на новите сопственици, луѓето од најбогатиот фонд на светот, државниот на Саудиска Арабија, јавноста сметаше дека Њукасл ќе тргне во беузмно расфрлање со пари и дека ќе направи каша попара со составот, политика каква што фудбалската јавност видела неброено пати досега ширум Европа.

Но клубот не само што мудро пазареше, туку и реши да ја одржи стабилноста на клубот чија екипа игра супер сезона. Без претерани ѕвезди во тимот.

1. Њукасл нема примено гол шест меча по ред во Премиер лига. Последен пат кој им дал гол е Саутемптон на 6-ти ноември. Викендов ремизираа 0:0 со Кристал Палас.

2. Њукасл сезонава само два пати примил повеќе од еден гол и тоа на стартот на сезоната во августовските дуели со Сити (3:3) и Ливерпул (2:1). Арсенал кој ги меле противниците не успеа да му даде ниеден гол на гранитниот Кастл.

3. Црно-белите немаат пораз на 15 меча по ред во Премиер лига и тоа е рекордна серија во клупската историја. После поразот од Ливерпул на крајот од август имаат девет победи и шест нерешени.

4. Последен пат Њукасл губел во тек на меч во средината на септември кога успеаа да израмнат и да земат бод во дуелот со Борнмут (1:1). Во прво полувреме не примиле гол од крајот на август (1:1 со Вулверхемптон).

5. Одличната одбрана е клуч на успехот на Њуксл. Повеќе од пола сезона примија само 11 гола, најмалку од сите во лигата, дури и помалку од милијардерските Сити, Челси, Ливерпул. Минатата сезона примија толку голови во само четири кола.

6. Гол разликата им е +22. Такво нешто Њукасл во Премиер лига немал уште од сезоната 2013/2014. Но тогаш дале само пет гола повеќе отколку што примиле.

7. Важен детал во контекст на претходните сезони. Њукасл веќе обезбеди опстанок, чувство што навивачите го немале повеќе од 10 години. Со 39 освоени бода во моментов, никој не испаднал од Премиер лига на крајот уште од 2010/2011.

8. Интересно, од сезоната 1995/1996 до денес, дури 89% од тимовите кои биле во топ4 на пола сезона, на крај завршиле во топ4. Само 6% испаднале од првата шесторка.

9. Голманот Ник Поуп е уште еден фактор на силниот налет на Њукасл. Англискиот репрезентативен голман оди кон наградата „Златна ракавица“ за најдобар чувар на мрежата. Има 12 меча без примен гол во Премиер лига. Следен зад него е одличниот Арон Ремсдејл од Арсенал кој имаше 9 меча без примен гол. Во последните 10 години наградите за голмани ги освоиле само играчи од топ6 клубови и Поуп сака да ја прекине таа „навика“.

10. Стоперот Свен Ботман кој имаше понуди од италијанскиот шампион Милан но се реши да потпише со Њукасл, стана права амајлија на екипата. Со него во тимот не изгубиле на дури 17 меча.

23 јануари 2023 - 14:23