Годинава, неколкумина од присутните одлучија да го искористат црвениот тепих да кажат нешто. Кара Делевин пристигна на настанот со зборовите „Уништете го патријархатот“ извезени на бел панцир од Диор. „Еднакви права за жените“ носеше членката на американскиот конгрес Каролин Б. Малони на нејзината тоалета, а Александрија Окасио-Кортез која прв пат присуствуваше на настанот, се појави во фустан со слоганот „Даночете ги богатите“ испечатен со големи, дебели црвени букви.
Последново привлече внимание - изгледот го смислиле откако Окасио-Кортез разговарала со креативната директорка на Brother Vellies - Аурора Џејмс за тоа што значи да си жена во боја од работничката класа на Мет. Се договориле дека не можат само така да учествуваат и дека мораат да го пробијат четвртиот ѕид и да ги предизвикаат институциите.
Се разбира, носење фустан што бара поголем данок за богатите на настан на кој присуствуваат некои од најбогатите и највлијателните луѓе што постојат е храбро и секако дека луѓето ќе зборуваат. Вреди и да се спомене дека АОК не е само позер-активист: во нејзината кариера постојано повикува за бесплатно здравство, бесплатни колеџи, подобри работнички услови и даночна стапка од 70% за тие што заработуваат над 10 милиони долари.
Сепак, разбирливо е што начинот се доведува во прашање. Иако е важно да се спомне дека Мет Галата е пред се настан за собирање средства, на Твитер, модната директорка на Њујорк Тајмс, Ванеса Фридман за тоа што АОК присуствуваше на настан за кој билетот чини 35.000 долари рече дека е „комплицирана ситуација“, иако го добила билетот бесплатно.
Телевизиската сценаристка Рејна Морис се пошегува дека носење фустан со „Даночете ги богатите“ на Мет Гала е исто како да пливаш во градски аквариум со купачи на кои пишува „Спасете ги китовите“, а други на Твитер коментираа дека политичката изјава е едноставно празна, особено што имаше апсења надвор на протестот за Black Lives Matter.
Фановите и подржувачите на АОК ја пофалија што имала самодоверба да стои меѓу богати облечена во таква изјава.
Само, не може да се знае дали АОК ја ставила Ана Винтур пред свршен чин, па на шанк потоа да ѝ објаснува за маргиналните даночни стапки. i-d.vice вели дека не е ни поентата тоа: луѓето кои заработуваат големи пари знаат дека треба да плаќаат поголем данок, па затоа и максимално се трудат да го избегнат тоа. Она што не е јасно е за кого всушност се овие политички слогани на парчиња облека?
Секако, модата има политички амбиции. Би било глупо да предлагаме дека облеката не ги рефлектира нашите политички чувства, општествена класа, економски статус и како се гледаме и се претставуваме себеси во општеството. Тоа е особено јасно кога ќе се земе предвид бракот на политичките слогани и модата: нека ви текне на раширеноста и социјалниот импакт на МАГА капите, или 58% Don't Want Pershing на Кетрин Хамнет, или Silence=Death на ACT UP. Разликата со АОК и нејзиниот фустан, е што овие или таргетираат одредена индивидуа, или претставуваат чувство на колективно припаѓање, или го насочуваат вниманието на некоја превидена криза. „Даночете ги богатите“, иако важно, едноставно не повикува со еднаква итност.
Работата кај Мет Галата е што е можност навистина да се деконструира и да се критикува модната индустрија, а во случајов и самата Америка. Грајмс на пример, на настанот се појави со меч од трајната колекција на музејот, направен од автоматска пушка Колт АР-15А3 како коментар на контролата на оружје. Квана Чејсингхорс со златниот светкав фустан и автентичниот Навахо тиркизно-сребрен накит беше коментар на бришењето на историјата на домородните американци. Ако фустанот на АОК содржеше посуптилен, поразмислен коментар, навистина ќе го пробиеше четвртиот ѕид како што се надевале со Аурора Џејмс.
И конечно, за кого е слоганизираната мода? Каква улога игра? За фановите и поддржувачите на АОК, ја демонстрира нејзината способност да навигира низ различни сфери и низ селебрификцијата на политичарите, притоа потврдувајќи им го тоа што веќе го знаат и го ценат кај неа. За оние што се против, овозможува муниција за поддршка на идејата дека е гладна за слава, а активизмот ѝ е перформативен. Во основа, носи безумно гориво за културолошките војни, и наслови дизајнирани за создавање поделби. Или, можеби е само фустан.
„Медиумот е пораката“, напиша АОК на социјалните мрежи за него. Можеби тоа кажува сѐ.