Филипинскиот слаткар Нуел Катис, познат по создавањето на популарното „Дубаи чоколадо“, ја претстави својата најнова комерцијална иновација - „Абу Даби чоколадо“. Производот е развиен во партнерство со Rain Cafe во Абу Даби и претставува значително отстапување од рецептот што му донесе глобална видливост.
Оригиналното чоколадо, првично наречено Can’t Get Knafeh It, беше создадено во 2021 година за Fix Dessert Chocolatier во Дубаи. Иако во почетокот имаше ограничен опсег, производот прерасна во меѓународна сензација дури во 2024 година, кога ТикТок го донесе на глобалната сцена. Видеото на инфлуенсерката Марија Вехера каде што го пробува имаше над 125 милиони прегледи и го направи Дубаи чоколадото вирално. Одеднаш се дискутираше по кафиња, журки, лифтови, стигна да се продава во различни варијанти и различни брендови и во најопскурни маркети.
Новото Абу Даби чоколадо е осмислено како гастрономски омаж на ОАЕ. Надворешниот слој е чоколадо од солен карамел, а јадрото содржи мешавина од алва, шафран, кардамон и урми, дополнето со крцкав слој инспириран од баклава. Украсено е со златни листови. Развојниот процес траел околу една година - значително подолг период во споредба со тримесечниот развој на Дубаи чоколадото.
Во моментов е достапно исклучиво на локациите на Rain Cafe во Абу Даби, со планови за проширување на продажбата преку дополнителни малопродажни канали. Малопродажната цена изнесува околу 40 австралиски долари за пакување од 200 грама, што го прави премиум чоколадо.