Ве молиме не ставајте сладолед во вагината

Ете. И до ваков наслов стигнавме.

Прво, не можат гинеколозите толку да едуцираат, колку што луѓето можат да смислат глупи решенија за ладење во лето.

Второ, може треба на Off Café да му направиме посебна категорија каде што ќе влезат текстовите на оваа тема затоа што имаме сега повеќе, благодарение на човечката глупост.

Да се потсетиме:

Осила

Глитер

Лук

Усисивач

Избелување

Подмладување

Како нè работат стручно, со фаќање на слабости на деликатни теми, тоа е чудо едно.

Лето е, жешко е и дури и делови од светот како Англија и Германија што обично не страдаат од скопско лето, се мачат со високи температури. Масовно се бараат решенија за разладување, само што, наместо да се свртат кон логичните - вентилатори, климатизери и ладен туш, луѓето, како што ги дал господ - стануваат креативни.

Од таму и медиумите почнаа љубезно да молат да се престане со разладување од тип пикање сладолед од каде што раѓаш.

Спремни!

Поточно, не е класика сладолед, него оние смрзнати води со боја и вкус, што дополнително можат да направат штета. Сладолед сме имале, и тоа после последниот дел од „Педесет нијанси” од каде што некои луѓе по којзнае кој пат, изведоа уште еден погрешен заклучок.

Не сме покриле, а имало - магдонос, онакви бомби за во када и модар патлиџан.

И така, значи, расипана плоча станува ова, ама ајде, уште еднаш - ткивото во вагината е многу деликатно, па ставање на замрзнат предмет може да предизвика еден куп проблеми, од печење, до чешање, до болка. Д-р Сара Велш, ко-основач на брендот за кондоми ХАНКС вели дека предмети на кои кожата не реагира на други локации, може да се многу поштетни кога ќе дојдат во допир со вагината. Мразот може да се залепи на кожата во вагината и да предизвика траума и штета. Било каква храна значи внесување на микроби, дисрупција на нормалниот баланс и креирање средина за развој на бактерии и инфекции. Исто така, сладоледот може да се скрши внатре во вас и (замислете!) да ви предизвика неудобност и штета. Една на форум на Јаху се има пожалено дека баш тоа ѝ се случило, па дури и кожата добила боја како сладоледот, затоа што се боени со вештачки бои.

Бојата после некое време се измила.

Но!

„Мојот совет е да избегнувате да ставате туѓи тела во вагината за да не ризикувате инфекција,” вели Д-р Шри Дата, гинеколог-консултант од MyHealthcare Clinic, додека најверојатно си ја пали дипломата затоа што сигурно за вакви работи не учела. „Предлагам лабав, памучен веш и избегнување на тесна облека за да се спречи иритација и дерматитис.”

Ете гледате, едноставно е.

30 јули 2019 - 13:08