
1. Секој разговор го враќате на себе
Некој ви раскажува нешто, а вие веднаш се надоврзувате со сопствена приказна. Можеби сакате да покажете дека разбирате, но ако никогаш не се задржувате на искуството на другиот, тој може да почувствува дека всушност не бил слушнат. Социологот Чарлс Дербер ова го нарекува „конверзациски нарцизам“ - тенденција разговорот повторно да се пренасочи кон себе. Не мора да биде знак на его - понекогаш е само нервоза или несигурност во тоа како да реагираме.
2. Давате совети кога никој не ги побарал
Кога некој ни се жали, инстинктивно сакаме да го поправиме проблемот. Но, човекот што ни кажува дека му е тешко можеби воопшто не бара решение, можеби сака само некој да признае дека ситуацијата навистина е тешка. Постојаното влегување во „режим на решавање“ понекогаш повеќе служи за да ја намалиме сопствената непријатност пред туѓата болка.
3. Постoјано се натпреварувате со другите
Некој добил добра работа - ти имаш добиено подобра. Некој имал тежок ден - е твојот бетер. Некој раскажува за патување - не само што си бил таму, туку си бил и на подобри места. Наместо споделување, разговорот незабележливо станува натпревар, а луѓето прилично брзо чувствуваат дали некој сака да се поврзе со нив или да ги надмине.
4. Хронично доцните
Едно доцнење е само едно доцнење. Но, кога станува правило, може да испрати непријатна порака дека вашето време е поважно од туѓото. Затоа доцнењето често создава тивка лутина и ја нагризува довербата, дури и кога никој отворено не се жали.
5. Речиси никогаш не поставувате прашања
Забележете го ова следниот пат кога ќе разговарате со некого: колку прашања навистина поставувате? Не само за да дојде ред повторно да зборувате вие, туку вистински дополнителни прашања. Истражување од Харвард покажува дека луѓето кои поставуваат повеќе прашања, особено дополнителни прашања, почесто се доживуваат како допадливи. Љубопитноста е еден од наједноставните начини да му покажете на некого дека ви е важен.
6. Постојано се жалите
Секој има право на лош ден, лош шеф, лош сообраќај и лош понеделник. Проблемот настанува кога жалењето станува главниот начин на комуникација. Постојаната негативност може да биде социјално исцрпувачка, бидејќи расположението на луѓето околу нас влијае и врз нашето. Кога секоја средба остава чувство на тежина, другите природно почнуваат да бараат повеќе дистанца.
7. Секоја ранливост ја претворате во шега
Хуморот е одличен начин за создавање блискост, но, ако секој сериозен момент веднаш го претвораме во шега, луѓето тешко можат да ни се приближат. Ова често е заштитен механизам: ако сами се пошегуваме со нешто што нè боли, никој друг нема можност да го употреби против нас. Функционира како оклоп, но оклопот истовремено спречува и блискост.
8. Видливо е дека им судите на луѓето, или барем ги проценувате
Не мора да кажете ништо навредливо. Понекогаш доволни се подигната веѓа, одреден тон или непријатна тишина за некој да почувствува дека штотуку бил оценет. Особено луѓето кои се многу строги кон себе можат несвесно да го пренесат истиот внатрешен критичар и врз другите. А кога човек се чувствува проценуван, природно станува повнимателен и помалку отворен.
9. Никогаш не признавате дека сте погрешиле
Кога секоја грешка мора да се оправда, префрли или објасни, без да се каже „извини“, другите со текот на времето престануваат да очекуваат вистинска одговорност. Признавањето грешка не ја намалува вредноста на личноста, обично го прави спротивното: покажува дека односот ви е поважен од потребата секогаш да бидете во право.
10. Покрај вас, луѓето се чувствуваат полошо во врска со себе
Можеби ова е најсуптилната навика од сите. Не станува збор само за навреди или отворена критика. Понекогаш човекот по разговорот со вас едноставно си заминува со чувство дека е помалку интересен, помалку способен или помалку вреден. Тоа може да се случи преку постојано коригирање, споредување, игнорирање или недостиг од интерес.
На крајот, допадливоста не се состои во тоа секогаш да бидеме забавни, интересни или совршено пријатни. Многу повеќе зависи од тоа како се чувствуваат другите во нашето присуство. Плус, далеку од тоа дека е наша должност да им правиме удобно на другите.
Ама ако ви е криво дека не ве сакаат - можеби треба да си препрочитате и да запамтите.