Која е новата креативна директорка на Баленсијага?

По години шпекулации, британската дизајнерка Мартин Роуз конечно доби една од најпосакуваните позиции во модната индустрија. На 6 ноември беше објавено дека ќе ја преземе улогата на креативен директор на Баленсијага, вклучувајќи ги тука и женските, машките и колекциите на висока мода.

Назначувањето следува по заминувањето на Пјерпаоло Пичоли, кој помина помалку од 18 месеци на чело на француската модна куќа. Пред него беше Демна Васалија и... Па, сме го имале.

Роуз, чие име со години се споменуваше при секое поголемо преструктурирање во луксузната мода, не е случаен избор. Напротив, нејзината кариера е тесно поврзана со современиот идентитет на Баленсијага.

Родена е и израсната во Лондон, со британско-јамајканско потекло; го основа сопствениот бренд во 2007 година, а нејзиниот дизајнерски израз се развива под влијание на лондонските суб-култури, музиката и уличната мода, со експерименти со пропорции и традиционални машки силуети. Во текот на кариерата соработува со Најки, Кларкс и Суприм, а нејзиниот бренд стекнува култен статус меѓу модните познавачи.

Нејзината врска со Баленсијага започнува уште во 2015 година, кога Демна ја ангажира како консултантка за машката линија. Во следните три години таа има важна улога во развојот на машките колекции, придонесувајќи за естетиката што подоцна стана препознатлива за модната куќа. Токму ова искуство ја издвојува од останатите потенцијални кандидати: Роуз веќе учествуваше во обликувањето на Баленсијага каква што ја познаваме денес.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Dazed (@dazed)

Постојат и подлабоки креативни сличности. Кристобал Баленсијага, основачот на куќата, бил познат по скулптуралниот пристап кон облеката и револуционерните силуети, меѓу кои фустаните во форма на вреќа и капутите со облик на кожурец. Роуз, која првично студирала скулптура, исто така ги истражува формата и волуменот преку нагласени раменици, необични кроеви и предимензионирани јакни.

Заедничка им е и инспирацијата од музиката и танцот - додека Баленсијага црпел идеи од шпанската култура и фламенкото, Роуз се потпира на британската рејв-сцена, хип-хоп, ска и панк. Различните културни влијанија ги поврзува интересот за движењето и начинот на кој облеката го следи или го менува телото. Нејзиното назначување би можело да помогне и во повторното привлекување на публиката што Баленсијага ја изгради во ерата на Демна. Пичоли донесе поинаква визија, поблиска до класичната висока мода, додека Роуз има искуство во поврзувањето на луксузниот дизајн со уличната култура.

Роуз официјално ја презема функцијата на 16 ноември, а нејзината прва колекција се очекува во текот на 2027 година. По две децении градење независен дизајнерски идентитет, таа добива можност да го развие својот израз на многу поголема сцена. Баленсијага, пак, ангажира дизајнерка што добро го познава нивното наследство, но никогаш не покажала особен интерес да ги почитува конвенциите на модната индустрија. Токму таа комбинација би можела да биде нејзината најголема предност.

10 ноември 2026 - 09:56