
Има истражувања што откриваат дека постарите луѓе имаат помалку нови каења од помладите и чувствуваат помалку лутина поради минатите грешки. Но, тоа што најчесто ги тишти се пропуштените можности. А зад многу пропуштени можности стојат стравови што незабележливо ги обликуваат нашите избори.
Еден од најчестите е стравот да не изгледаме смешно. Желбата да научиме нешто ново, да пробаме непозната активност или да покажеме дека сме почетници лесно се повлекува пред можноста за неуспех. Психологот Џорџија Виткин објаснува дека стравот од неуспех често е научен, поттикнат од претходни искуства на исмевање или засрамување. Но непријатноста обично трае многу пократко од задоволството што може да го донесе новата вештина.
Подеднакво силен е стравот да не ги разочараме родителите. Изборот на професија, партнер или место за живеење понекогаш повеќе ги одразува семејните очекувања отколку личните желби. Малите компромиси со годините можат да создадат живот што изгледа успешен однадвор, но не е оној што сме го посакувале.
Потоа, стравот да ги изговориме важните работи. Извинување, признание, обид за помирување или едноставно кажување дека некој ни недостига. Истражувачот Нил Роуз од Универзитетот Нортвестерн забележува дека љубовните и семејните односи се меѓу најчестите извори на жалење. Можноста за одбивање нè плаши, но молчењето понекогаш ја затвора вратата засекогаш.
Стравот од осаменост може да нè задржи во врски што одамна не ни носат задоволство. Познатата непријатност изгледа побезбедно од неизвесноста на самостојниот живот. Сепак, за некои луѓе токму напуштањето на нездравиот однос носи мир што претходно не можеле да го замислат.
Стравот од погрешна одлука - постојаното преиспитување создава впечаток дека со доволно анализа можеме да ја избегнеме секоја грешка. Стравот „да не зажалиме“ може да нè натера да останеме во неповолни ситуации. Притоа забораваме дека и неодлучноста е избор, со сопствени последици.
Потоа, стравот дека е предоцна за нов почеток. Промена на кариера, студирање, преселба или остварување стар сон лесно се отфрлаат поради возраста. Истражувањата на психологот Шаи Давидај покажуваат дека најдолготрајните жалења често се однесуваат на личноста што сме сакале да станеме, но никогаш не сме си дозволиле.
И на крај, стравот да побараме помош. Самостојноста се смета за доблест, но претераната независност може да прерасне во изолација. Луѓето што одбиваат да се потпрат на другите понекогаш несвесно ги лишуваат своите односи од блискоста што се создава преку заемна поддршка.
Сето ова е дел од вообичаеното човечко искуство и не може едноставно да исчезне, но препознавањето може да направи разлика меѓу живот во кој постојано се обидуваме да избегнеме непријатност и живот во кој си дозволуваме да направиме нешто важно, дури и кога исходот е неизвесен.