Mора ли и ова „избелување”?

За избелување на вагината се работи. Да, и тоа постои.

Жените се спремни да одат далеку за да стигнат до „совршена” вагина. Културолошкиот притисок и потпросечното образование налагаат дека многу од нив веруваат дека со нивната нешто не е во ред, што ги води кон процедури кои се сериозен ризик за здравјето.

Во моментов, многу жени користат ласери за да ја променат бојата, на пример.

Да почнеме отворено.

Прво, совршено е нормално кожата околу вулвата, вклучувајќи ги и големите усни и клиторисот да бидат малку потемни од остатокот на кожата, поради хормонски промени за време на пубертетот. Како и да е, избелувањето, или осветлување на вагината станува сè попопуларно и нонстоп излегуваат нови третмани. Контроверзни креми за осветлување на кожата постојат веќе долго време, се користат на гениталии и постојано се дестигматизираат. Култниот бренд „Худа Бјути” дури објави и „Хакови за осветлување на вагината” во еден блог-пост, а едно Гугл пребарување нè дели од евтини производи за хемиско избелување.

Најново се третманите со ласер кои им помагаат на жените да се справат со овој „проблем”. Сè повеќе приватни клиники во Велика Британија нудат „избелување на интима”, за трајно отстранување на потемно ткиво. Третманите чинат околу 500 фунти за сесија од 10 минути, а многу клиники ветуваат краток период на опоравување и гарантираат дека нема лузни.

Начинот на кој ова се рекламира е доволен една жена да се почувствува несигурна, па дури и да помисли дека е „запуштена” ако не дошла до тој третман. Имаше и еден скандалозен наслов во The Sun: „На пауза за ручек пробав вагинално избелување, да го почастам дечко ми… и сексот потоа беше неверојатен”, што налага дека и сексуалниот живот ќе ви процвета.

„Со годините, кожата на интимата потемнува и добива поинаква текстура. Но оваа процедура помага да се поништи тој ефект и ја остава мека и розева. Вистинскиот мејковер за мајки,” пишува некоја Трејси Кис, задоволна пациентка на возраст од 31 година. Кај себе забележала вулва „која изгледа помлада затоа што е посветла и помазна,” што е дополнително проблематично затоа што се укажува на тоа дека вулвата треба да биде како на дете, и без меланин за да биде сексуално привлечна. Некои клиники си објавуваат и „пред и потоа” слики на нивните сајтови за да ги покажат импресивните резултати.

А сега, освестувачката вистина.

Експертите сега ги предупредуваат жените да не ставаат ни ласери ни креми за избелување во близина на вагината. Како и т.н. вагинално подмладување (што вклучува ставање на загреан апарат, плус не постои и опасно е), ласерските процедури за осветлување и кремите се медицински непотребни и потенцијално опасни, според гинеколозите.

„Сериозно советуваме да не се употребуваат третмани за осветлување на чувствителната област околу вагината,” вели Д-р Ванеса Меки, консултант гинеколог и портпарол на Кралскиот колеџ на акушери и гинеколози. „Ова може да ја оштети деликатната кожа околу вулвата и да го наруши нежниот баланс на добри бактерии во вагината. Оваа природна флора помага да се заштити вагината, а да ја нарушиш би довело до иритација, воспаление и инфекција, како бактериска вагиноза, на пример.”

Меки сака да се знае дека секоја вулва е нормална, без разлика на тоа што го тврдат приватните козметички клиники. „Важно е да се запамети дека секоја вулва е уникатна сама по себе, како и секоја жена и во поголемиот дел од случаите, изгледот е нормален.”

Накратко, гинеколозите пак ве молат да не си пикате глупости.

И уште ова - сладолед се става во усна шуплина. И во ниедна друга шуплина.

28 ноември 2018 - 00:00