Откровенија:

Вагинално подмладување не постои и опасно е

На ниедна вагина не и е потребно подмладување - и сè попопуларната процедура позната како vaginal rejuvenation, или „вагинално подмладување” може да биде дури и опасна.

Завчера Американската администрација за храна и лекови издаде предупредување за седум компании кои рекламираат процедури по кои тврдат дека доаѓа до зацврстување на вагиналните ѕидови, олеснуваат болки при секс или мокрење, зголемуваат сексуално задоволство или елиминираат сувост.

Според извештајот, често овие процедури се прават или со ласер, или со радио-фреквенција во вагината. Ваквите апарати се технички одобрени за чистење на пред-канцерогени клетки или генитални брадавици како резултат од сексуално преносливи инфекции. Не се одобрени за „подмладување” - бидејќи таква работа не постои и процедурите можат да предизвикаат изгореници, лузни и хронична болка.

Испратени се предупредувања до седум различни компании кои на жени им ветуваат дека овие третмани ќе им донесат „подобар женски живот” (?!), или ќе „им го вратат секси телото назад,” „без лежење и со минимален ризик.” Нешто од ова имаат пробано и јавни личности, како Клои Кардашијан (која изјави дека заедно со сестрите „се стесниле”) и Џејда Пинкет-Смит (која отпрвин барала помош за проблем со бешиката, па за едно списание се пофалила дека ѝ е „како на 16-годишна, и личи на мала, прекрасна праска.”)

Американскиот колеџ на акушери и гинеколози веќе подолго од 10 години тврди дека ваквите процедури не поминале ригорозни клинички испитувања и можат да бидат опасни. Администрацијата бара жените да пријавуваат негативни ефекти во нивната онлајн база на податоци MedWatch.

Под самата идеја за „вагинално подмладување” се крие друга идеја - дека вагините се непривлечни и мора агресивно да се чистат и поправаат. Туширањето, или чинот на внесување течност во вагината се смета за потребно во однос на чистота - па и промовирано е уште од 19-ти век. Спрејот за дезинфекција Лисол во еден момент се рекламира и како решение за туширање што спречува бременост, и покрај тоа што првиот состав предизвикал најмалку пет смртни случаи и неколку жалби за вагинални пликови - а сигурно не спречил бременост.

Желбата да се подобри изгледот на вагината е само препакување на овие регресивни и опасни идеи и налага дека има еден точен и идеален изглед кон кој сите жени треба да се стремат - и покрај тоа што тие доаѓаат во различни облици и големини. Лесно да го игнорираш како аздис-процедура, само да не постоеше опцијата да предизвика доживотни проблеми.

1 август 2018 - 13:36