Кога здравите навики создаваат стрес

Во последниве години, велнес навиките станаа дел од секојдневието, така бескрајно присутни на нашите телефони, саати и социјални мрежи. Иако имаат цел да придонесат за подобро ментално и физичко здравје, некои навидум корисни рутини може тивко да го зголемат стресот наместо да го намалат.

Нови сознанија од областа на невронауката и бихевиоралната терапија укажуваат дека прекумерната контрола и стремежот кон совршенство во здравствените навики може да имаат спротивен ефект од посакуваниот.

Поставувањето високи стандарди - како секојдневно вежбање без прекин или придржување до прецизен распоред - често се смета за позитивен став. Сепак, според когнитивно-бихевиоралниот терапевт Брајан О'Хонгуса, стремежот кон „совршена“ рутина може да предизвика чувство на неуспех дури и при мали отстапки, што влијае на менталната состојба и општата добросостојба.

Д-р Џејми Манискалко - невронаучник, објаснува дека ваквиот пристап активира хроничен стресен одговор кај телото, при што се зголемува нивото на кортизол - хормон поврзан со анксиозност и намален имунитет. Според студии објавени во 2021 година, перфекционизмот е поврзан со зголемен ризик од емоционален стрес и физички заболувања.

Истражувањата покажуваат дека флексибилно поставување цели и практикување емпатија кон себе можат да го намалат стресот, без да се компромитираат здравите навики. Во практична смисла, ова значи прилагодување на целите според реалниот животен контекст, наместо строга дисциплина која може да доведе до исцрпеност.

Паметните часовници и фитнес тракерите станаа популарен начин за следење на напредокот во физичката активност, но, честото следење на податоци, како број на чекори или потрошени калории, може да го одвлече вниманието од телесните сигнали. Д-р Манискалко укажува дека постојаното проверување на овие уреди може да го замори делот од мозокот одговорен за фокус, планирање и емоционална регулација. Со тек на време, корисникот може да стане зависен од надворешни потврди, игнорирајќи ја интуицијата и реалните потреби на телото.

Иако мерењето може да биде мотивирачко, експертите препорачуваат да не се користи како единствен извор на мотивација. Движење што се темели на лична благосостојба, наместо на податоци од уред, често води до поприроден и одржлив пристап кон физичката активност.

9 јули 2025 - 00:00