Американците во денешно време сè поретко се спојуваат и склучуваат бракови, а статистиката покажува дека само еден во шест луѓе верува во „вистинскиот“. Има и податоци кои покажуваат дека до 2039, еден од седум луѓе ќе живеат сами - ни се заканува криза со домување, епидемија на осаменост и општество без секс. А над сето тоа, сè поголем број луѓе се одлучуваат за пријателство наместо за љубов, па си ги спојуваат животите преку платонски бракови - со најдобриот другар.
На 14 ноември, две жени што за потребите на текстот се викаат Џеј и Кристал, во венчаници разменуваат завети, прстени и споделуваат прв и единствен бакнеж. Живеат заедно, делат финансии и го воспитуваат нивниот посвоен син, Еди, како и било која друга брачна двојка во светот - минус романтиката. Спијат во одвоени соби и немаат сексуална врска. Немаат ни речник за нивната поврзаност - си се нарекуваат близначки пламени, или сродни души. Како и многу другарки, се шегувале дека „ќе се земат на крај“, но дури кога се појавило детето добиле потреба да бидат легално и социјално прифатени како семејство.
Ваквите врски се викаат платонски животни партнерства и стануваат сè почести, како што луѓето стануваат свесни за концептот преку социјалните мрежи. Терминот на Тикток има над 11,5 милиони прегледи, а парот во центарот на трендот се Ејприл и Рене, кои имаат пораснато заедно во Сингапур и биле неразделни. Секој поважен настан го дочекале една покрај друга: први дечковци, први раскинувања, први вработувања. Нивните семејства со тек на време се спојуваат и тие одат на групни одмори. Ејприл го напушта Сингапур и оди во Лос Анџелес, па деновите им поминуваат на Фејстајм, за на крај да сфатат дека не сакаат да бидат одвоени.
„За време на пандемијата, почнавме да смислуваме на кој начин би сакале да бидеме инволвирани - зошто да не живееме заедно? Зошто да немаме заедничка сметка во банка, или заеднички пензиски фонд? Зошто чекаме романтичен партнер за овие работи?“
Терминот „платонски животни партнери“ е релативно нов, но идејата не е. Документирана е уште од 1700-те - постоеле „Бостонски бракови“, термин што потекнува од „The Bostonians“ на Хенри Џејмс, каде има две жени што живеат заедно, па фразата почнала да се користи за жени што живееле и „се женеле“ за други жени. Веќе во 20-от век, некои од ваквите партнерства служат за да прикријат лезбејска врска за да се заштити од осудување, но во многу случаи, историчарите сметаат дека се работи за платонска љубов во најчиста форма.
Платонските партнерства покренуваат интересно прашање за тоа кои елементи се најважни во еден брак. Даваат моќ бидејќи луѓето добиваат повеќе опции кога ќе размислат што сакаат за себе и за својата иднина и кога ќе добијат шанса да направат приоритети од вредност и пријателство, наместо романтична љубов.
Моандра Џонсон, терапевт за секс и врски, вели,
„Платонските партнерства го предизвикуваат класичното условување на брачниот систем. Моногамниот модел налага дека хиерархијата на потреби мора да вклучува романтична спојка која прогресира со тебе во текот на животот. Но, платонските партнерства ја охрабруваат идејата дека разни типови на љубов и семејни структури можат да бидат еднакво важни во животот.“
Како и кај секој брак, клучот за функционирање на платонското партнерство е двете страни да имаат исти намери и јасна комуникација.