Слабо трета сезона „Емили во Париз“

Ако се раководиме според првите две епизоди од третата сезона, „Емили во Париз“ премина од забавна во тупаџиска. Штета, баш навивавме.

Уште од трејлер личеше дека ќе биде досадно, ама ајде, секако ќе пуштиш да видиш.

Во третата сезона, Емили не може да се справи со изборот меѓу новата и старата фирма - во новата сака да работи, во старата не наоѓа добар момент да ѝ каже на шефицата дека сака да си оди. Е сега, ако ова не го сфатите од најпрвата сцена, каде што Емили сонува како двете шефици ја тераат да избере - без гајле. Ќе има сцена со Емили на час по француски, каде што го учат глаголот „избира“. Ова успеваат малце да ја извадат работава, со кратка дискусија за Сартр чија филозофија „и неизбирањето е избор бидејќи носи последици“ совршено им се вклопила во приказната. Ова за жал не трае долго, бидејќи ќе го прекине нехаризматичниот, „аман, нека си оди овој од серијава“ дечко на Емили од Лондон.

Но, чекајте! Можеби не сфативте дека се работи за потешкотиите околу животните избори и одлуки. Не се секирајте. Другарка ѝ на Емили што пее по фонтани и кафани, ќе испее песна (цела ќе ја чуеме) за „две љубови“, Париз и Менхетн, намиг. Дури и самата таа ќе биде соочена со непријатна дилема. 

И Емили ќе испее песна (стани Фил Колинс!).

И во двете почетни епизоди, приказната станува пластична и мрзлива, а актерите (освен неколку французи што се мајстори кај и да ги фрлиш) како да отупавеле во однос на тој, каков-таков талент. Океј, знаеме дека и претходните две сезони не беа „Седмиот печат“, ама барем возеше и не нервираше.

Ќе видиме за догледување на сезоната. Вака како што тргнало, со воздишки од досада на секоја втора сцена - тешко.

А така фино почна.

22 декември 2022 - 12:59