Емили од Чикаго, која ја игра Лили Колинс (и ако не знаевте, ќерка му е на Фил Колинс) - ја праќаат на една година во Париз, во фирма поврзана со нејзината, да помогне со маркетинг, или како што сакаат да кажат во серијата, „да донесе американски поглед на работите“. Ја пречекуваат на нож, и од тука почнуваат и негодувањата на критичарите за клише претставувања на парижаните, градот, луѓето и општо начинот на живот. Реалноста е дека серијата во рамки на својот жанр е забавна, свежа и го исполнува баш тоа што го ветува - Париз, мода, компликации, first world problems, љубови, чудни колеги и сѐ што обично содржи една романтична комедија. ОК, повремено ќе залута клише, сепак американска продукција е, а од таму се навикнати да продаваат сон за Франција и нејзиниот главен град - ама па и поради тоа, за поздрав е успешниот обид да не шитнат разлигавени, малоумни романтики туку да осмислат динамична, шарена и современа приказна за Американка што допрва треба да научи дека начинот на кој се одвиваат работите дома не важи надвор од границите.
Ликот на Емили го критикуваат како неподнослив, без разлика што серијата тоа отворено сака да го прикаже како факт. И изгорени да им се допаднат на Французите, од Гардијан пишуваат дека серијата е
„егзорцизам на сите француски клишеа што сценаристите можеле да ги смислат, вклучувајќи и жив стек, пушење цигара врз цигара, вино за појадок, мажи во скапи одела што слободно дискутираат секс… и презир кон американската култура,“
не запирајќи за момент да подразмислат дека тоа таму е сепак стварно така.
Парижанките скоро се бунеа дека се нефер претставени во поп-културата, што е помогнато и од кинематографијата од ’60-те и ’70-те, и книги како „Како да бидеш парижанка“, и факт е дека сите слоеви на Париз во првата сезона не ги гледаме. Нема мрак, нема социјални случаи, нема сериозни животни непријатности - но кога би ги имало, би имале работа со сосема поинаков жанр.
Она што најмногу освојува и на кое треба да му се радувате ако ви се гледа серијава, се споредните ликови. Канцеларијата каде што работи Емили е полна со колоритни карактери и врвни таленти; надвор од таму се начнуваат теми како #МеТоо, сексизам, феминизам, женска моќ, а голем плус е што и американската јавност конечно ќе се соочи со реалноста надвор од нејзиниот затворен круг - не секое спомнување на „С“ од „секс“ на работно место се важи како сексуално малтретирање зрело за човечки ресурси. Не секоја гола жена е објективизирана.
Едно француско радио вели дека „меѓу сите тие беретки, коктел-фустани и чисти улици, парижаните не можат да си го препознаат секојдневниот живот.“
Дали го претставува Париз во најсовршено светло? Не.
Дали луѓето, врските, пријателствата, односите се баш такви какви што се некои во серијата? Не.
Дали е одлично, binge-worthy и одмарачко и дали треба да го гледате?
Апсолутно да.
-Јана