
Концептот е едноставен - дом што изгледа како кадар од класичен празничен филм. Темно зелена, тартан, големи венци и стари сребрени украси што за некого се „винтиџ“, за некого наследство. ТикТок го врзува трендот со Ралф Лорен поради препознатливата мешавина од американска класика, елеганција и дискретна фантазија за живот како стари богаташи што често се гледа во неговите празнични кампањи.
Хаштагот #ralphlaurenchristmas расте со секој нов ден: илјадници видеа, направи-сам идеи, предлози за евтини замени и доволно инспирација за секој да може со неколку трепкави сијалички и едно перниче да добие филмска атмосфера. Она што е особено интересно е дека многу корисници го постигнуваат изгледот со декор од локални продавници и градинарски центри - што покажува дека брендот е повеќе референца отколку неопходност.

Коренот е носталгија. Секое видео има малку од енергијата на Сам дома: плетени чорапи, ретро светилки, перничиња со шарени мотиви, венци со лампиони и декор што намерно избегнува минимализам.
Ова е прилично остар пресврт по годините на „quiet luxury“, кога домовите беа толку монохроматски што изгледаа повеќе како концепт, отколку како место за живеење. Во историја одат сите тие безбојни дрвца, крем ленти и декор што делуваше како поставен според строг брендбук. Доволно е да се сетиме на минималистичките ентериери на Ким Кардашијан во 2023:

Оваа празнична сезона, луѓето очигледно бараат нешто поразлично: топлина, текстура и атмосфера што не се плаши да биде малку поразиграна. Дизајнерите велат дека за постигнување на ефектот не е потребен голем буџет - неколку внимателно избрани парчиња се доволни: тартан прекривка, зелено перниче, старинска свеќа или дрвена фигура со малку олд-скул шарм.