Кога ќе се спомне зборот „Парижанка“, веројатно пред очи ви доаѓаат згодните, модерни жени од француската престолнина, како пијат вино на сонце во кафич, или возат точак покрај Сена, задолжително со црвен кармин, штикли и шишки до под веѓи. Целиов овој мит се негува со децении и вреди милијарди долари, а се повторува сегде каде што може - списанија, социјални мрежи, филмови, книги.
Го отелотворуваат икони на стилот како Џејн Биркин, Инес де ла Фресанж и Каролин де Мегре, а со него се продава луксузна мода, производи за убавина, дури и самиот град Париз.
Низ годините, клишеата околу Парижанката (термин кој се користи општо за сите Французинки) имаат произведено еден куп книги со наслови од типот „Французинките не се дебелеат“ и „Како да бидеш парижанка каде и да си“, или статии со наслов „Како да старееш грациозно, по француски“.
- Штетни стереотипи
Се појавуваат се повеќе луѓе што се бунтуваат кон овој идеал, кој го сметаат за елитистички и недостижен. Линдзи Трамута, американска писателка и новинарка, во Париз се има преселено пред 15 години од љубов кон јазикот и француската литература.
„Фрустрирачки е да се гледаат истите заморни слики од буржујски, тенки, бели жени, а притоа нудат многу тесен, површен увид во Париз и француските жени воопшто,“ вели Трамута.
Додава и дека самата се чувствувала неадекватно поради тие стандарди за убавина кога се преселила во своите рани 20-ти.
„Начинот на кој стереотипите се брендираат и рекламираат е штетен, бидејќи ја искористуваат несигурноста што можат жените да ја имаат, а притоа исклучуваат голем број од нив што никогаш нема да се вклопат во калапот, поради бојата на кожата, религијата или формата на телото.“
Во обид да даде нова рамка на имиџот на Парижанката, Трамута пишува книга со наслов „Новата парижанка: Жените и идеите што го оформуваат Париз“.
Излезе минатиот месец, а содржи портрети и фотографии од еден разнолик список на жени кои живеат и работат во главниот град во најразлични полиња - активизам, технологија, медиуми, уметност, храна, бизнис, дизајн, политика итн.
Не се сите родени во Париз, дури ни во Франција, но живеат во Париз или во неговите предградија. Она што на овие жени им е заедничко, според Трамута, е што сите се самите по себе сили за промена во сопствените сфери, а се потпираат на своите искуства и битки за формирање и трансформирање на Париз.
„Целта ми е да покажам мнозинство од лица и гласови кое рефлектира кој всушност живее овде,“ вели Трамута. „Време е да ги славиме и истакнеме многуте гласови што едвај се слушаат, а се обидуваат да го направат овој град подобро место за нас кои живееме тука, но и за оние кои го посетуваат.“
Меѓу нив има значајни фигури, како градоначалничката со шпанско и француско потекло, Ан Хидалго, и франко-мароканската писателка Лејла Слимани, но и помалку познати активисти кои работат со инвалиди и трансродови лица, женски рабин, феминистички подкастер, неколку успешни деловни жени, аеронаутичка инженерка, дури и боксерка што се бори за родова еднаквост во спортот.
Во книгата се вклучени и повеќе жени од различни раси и нивните приказни сѐ уште побитни во денешната битка врзана со БЛМ. Има и културолошка анализа на францускиот модел на секуларизам, идентитет и раса.
Ја има Рокаја Диало, важна активистка во борбата против расизам, родена во Париз. Таа е една од неколкуте црни новинарки и коментатори на француска телевизија. Вели,
„Долго се борам да се идентификувам како Французинка и парижанка. Мислам дека сите клишеа што ги вртат медиумите и рекламите навистина бришат жени што изгледаат како мене. Жени во боја, но и жени кои се инвалиди, кои се ЛГБТИ, кои не се слаби, кои не се млади.“
Кажува и дека Франција е сега конечно соочена со проблемите што долго време ги пикала под тепих.
„Иако дебатите се тешки, сите примери на бела привилегија и системски расизам се навлезени во мејнстримот и се дебатираат, дури има и борба против нив. Барем се отвора дискусија,“ вели таа.
- Промена на наративот
И Трамута се надева дека книгата ќе го промени правецот на темата на жителките на Париз и нивното претставување. Вели дека жените предолго седеле на клупа во француската историја и дека е време тоа да се смени.
„Наративот во една просечна тура низ Париз ги истакнува храбрите мажи кои го направиле градот тоа што е, па попат ќе се спомнат и некои бунтовни жени. Тоа е многу редуктивен начин да се раскаже за придонесот на жените,“ вели Трамута.
„Мојата книга е и начин да се каже дека жените ја формираат иднината на Париз. Можеби порано ваквите приказни сме ги раскажувале на погрешен начин, па ајде сега да го направиме тоа како што треба.“
Како настанува митот и целата историја околу опсесијата со Французинките - тука.