Се носат ли деца на свадба?

Да го видиме тој мудоња што на македонска свадба на поканите ќе напише „без деца“ и ќе остане жив. Ама сериозно, што ако сакаш да правиш свадба и едноставно не сакаш да ти се мотаат деца, бе?

Трачевите што ги нуди Редит се далеку посодржајни од комшиските. На нишката Am I The Asshole? или по нашки, „Јас ли сум гомното?“ постојано се опишуваат незгодни ситуации предизвикани од сељачишта ширум светот, а главната поента е останатите да кажат - тој што прашува е asshole, или тие што му згазнале на жуљ?

Овде имаме невеста што уредно замолила да не ѝ доаѓаат со деца на битниот ден.

Ѝ дошле.

Ова се случуваше пред неколку месеци, но повторно се спомна. Со сопругот јасно им дадовме на знаење на гостите дека свадбата ни е „без деца“. Мислам, имам братучед со осум деца и многу од нашите роднини и пријатели имаат по 2-3.

Децата се главно добри, па главниот проблем беше трошокот. Ресторанот за деца над 2 години наплаќаше исто како за возрасни, значи 250 долари по човек. Ќе беше двојно поскапо, а и самата локација не беше доволно голема за сите деца.

Ова го напишавме на сајтот и разјаснивме со сите што прашаа (а сите прашаа). Многу ни досаѓаа, па мислевме дека ќе биде фер компромис да:

  • Можат да дојдат на вечерата вечерта пред свадба и ресторанот беше фин да прифати скоро 100 деца.
  • Да најмиме 5 бебиситери за 25-30 деца вечерта на свадбата за локални гости што не можеле да најдат бебиситер во последен момент и за тие што патуваат со деца. Свекор ми и свекрва ми го понудија нивниот дом на половина час од ресторанот за да се чуваат сите деца.

На свадбата, три парови се појавија со деца, значи во тотал 9 деца (2+3+4). Маж ми беше полут од мене затоа што беа од негова страна. Неговите другари се понудија да ги одвезат децата до куќата, но луѓето одбија и направија сцена.

Го викнаа маж ми да среди и рече „во ред, сè додека децата не прават бељи и ако родителите си платат за нив, нека останат. Персоналот набрзина спреми детска маса.

Видов како се случува тоа и го избегнав и продолжив со денот, затоа што беше преубав и многу работи се случуваа. Кога почна церемонијата, едно дете почна гласно да плаче, а друго си потскокнуваше пред мене додека одев до олтарот. Останав ладна, а персоналот веднаш презема нешто. Ја изнесоа мајката и двете деца надвор. Остатокот од церемонијата помина мазно.

За време на приемот, истите две деца вриштеа и фрлаа храна. Другите гости и персоналот се обидуваа да ги натераат да седнат. Во еден момент, едно дете ми влезе под фустанот, што беше пречудно. Не го ни видов и за малку ќе се сопнев. Деверушите ми покажаа дека дел од храната што ја фрлале ми завршила на фустанот и тогаш ми се смачи. Го погледнав маж ми, тој ги собра децата, ги однесе кај родителите и им рече да си одат.

После настанот, и тука е можно „да сме ние гомната“, им пративме сметка на трите парови и им пишавме дека супер сме си поминале со нив и ги потсетивме дека се согласиле да платат за непоканетите деца.

Два пара платија и се извинуваа, дури и рекоа дека сега разбираат зошто сме сакале без деца. Се разбира, парот со двете бесни деца одби да плати затоа што „сме им рекле да си одат пред да јадат торта.“ Најозбилно.

Наместо да се извинат, добивме гаден телефонски повик. Јас само реков дека треба да се радуваат што не им ја праќам и сметката од хемиско. Маж ми рече и дека со ова престанува да се дружи со нив. Викендов ни се поканија и на гости, ама им рековме не, фала. Праша дали сме уште лути што не платиле, и да, сме. Јас ли сум гомното во случајов?

Реакциите се, фала богу нормални, и Редит заедницата им пишува дека на толку трудење на сите да им биде добро, па уште бебиситери, па уште и пристојност, куќа за деца и слично, ако некој пак има проблем, тогаш проблемот е само негов. Сепак, еден коментар ја сумира целата поента.

„Без деца на свадба значи без деца на свадба“.

Почнува сезона на свадби, со среќа. 

4 април 2022 - 00:01