Признајте дека барем една романтична комедија ви се свиѓа, кога не сте задлабочени во дискусија пропратена со вино во рака за Џим Џармуш, Дејвид Кроненберг и филозофијата зад Only Lovers Left Alive (кој патем, беше неподносливо досаден и го исклучив за 10 минути). Една. Макар Clueless. Макар Love Actually. Па вратете се на Гаспар Ное и критиката на трулото општество во распаѓање и опсесијата на французите да прикажат „како е стварно”, во еден кадар, и со тоа да ти ги уништат оброците за цела недела.
Во ’80-ти и ’90-ти, кога не беше срамота да се признае дека си гледал филм со Мег Рајан, романтичните комедии полека, скришно тргнаа да ни ги обликуваат очекувањата за тоа како треба да ни изгледа животот на љубовно поле.
После тоа претераа, па се научивме дека ако решиш да се селиш и раскинете, најверојатно ќе си влезеш во авион без некој да трча по тебе преку полиција и скенери. Ако случајно проба да се растрча, ќе си преспие во станица.
Ако отвориш книжара во сред центар, и некој сака да ја сруши за да направи зграда, ќе ја сруши и нема да биде никаков Том Хенкс во „Имате пошта”. И не, нема да се фатиш со предузимачот, после претходно допишување. Најверојатно ќе се тужиш.
Пред МТВ не застанува Ричард Гир да види „што имаш да понудиш”, застануваат гадни типови.
Ако сме веќе толку локални, вака далеку од Нотинг Хил, ако имаш книжара (да, пак книжара) во некое фино маало, најголемата ѕвезда што ќе ти влезе и ќе се заљуби во тебе, не е холивудски калибар, напротив, нешто еднакво локално како тебе е, и комшијата го/јазнае од кафана. Уствари, некогаш, случајно, заедно сте го затвориле Џубокс, па секој по дома.
Ако си секретарка и почнеш врска со шефот на работа, не мора да значи дека тоа е следната голема љубовна приказна. Ама може да значи дека си многу честа појава.
Нема да дочекаш да избегаш од 5-6 свадби како невеста. И на крај да издржиш кога ќе се мажиш со новинарот од локалниот опозициски весник. И он да личи на Ричард Гир. Поверојатно е дека баш од кај новинарот ќе избегаш, а другите ќе ги пројдеш без проблем. И да не личи на Ричард Гир.
Нема другар ти да успее да запре сообраќај за ти лесно да поминеш и да стигнеш до кај симпатијата. Веројатно ќе го избута мешалка за бетон. Што најверојатно иде каде што се руши книжарата од погоре.
Премиерот никогаш, ама никогаш не е сладок, не си танцува по дома на Jump од Girls Aloud, задоволен дека претходно своерачно ја подобрил состојбата во земјата. Никогаш не личи на Хју Грант.
Ако завршиш во Тајландски женски затвор, спреми се да си поседиш. Не да танцуваш по прслук со другите затворенички. Од проста причина што во тајландски затвор не е убаво. А Бриџит Џонс и другарки си најде.
Ниедна фирма не си ги носи асистентите во Париз. Освен ако не си секретарката од погоре, тогаш можеби ќе те носат. Во Банско. Во Белград? Во Нови Сад? Тешко. Ене го кај е Берово. Ниедна фирма нема уредник - Мерил Стрип во вид на Ана Винтур.
Така би изгледало кога би ги сместиле понавака, но во секој случај, да ги оставиш каде што се од сам старт, не значи дека нивните упатства се помалку проблематични, напротив, знаат да навлезат и во creepy територија. Дури и во црно-бело биле понапредни од некои што ги имаме денес:
Што, пак, не ги прави помалку забавни. И полесни за гледање со оброк, наместо Гаспар Ное. И пофини за спиење после нив.