Џим од „The Office“ е виновен за „миленијалскиот глас“ во рекламите

До пред 10-15 години, рекламите беа со бомбастични, официјални, драматични гласови и изјави, строго по сценарио, со говор каков што нема шанси да сретнеш во реалноста. И после дојде Џон Красински.

Има разлика од „САМО ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА...“ (мора со дерење во фаца) и „Здраво дечки, еве ме во продавница...“

Разликата е во трендот на обраќањето кон потенцијалните купувачи. Кога миленијалците пораснаа доволно за сами да можат да пазарат, им требаше обраќање што ќе им одговара на карактерот - нешто опуштено, нешто „без многу замарање“, нешто како Џим од The Office. Џим не ти се дере да купиш распеано кретенче, туку ти се обраќа како да ти се јавил и те разбудил пред да одите на факултет, или на работа, и сака нешто незадолжително да ти каже.

Е сега, има нова занимливост: Финансиски способни станаа и „децата“ од Генерација З. Кај нив е „кринџ“ дури и Џим, па адвертајзингот се адаптира на нивното уште поголемо незамарање, немање емоција, внимавање да не забележи некој дека се човечки суштества. Проблемот е што не измислија топла вода и полека се претвораат во нивните родители од Генерација Икс кои исто така сакаа да се одвојат од нивните родители бумери.

2 април 2026 - 00:00