
Кралицата од династијата на Тудорите која никогаш не се омажила и ја воспоставила Англија како импреијална сила, ќе ја прикажат како биолошки маж. Независноста на „кралицата-девица“ што владееше од 1558 до 1603 и ја порази Шпанската армада е тоа што ги има потпалено не-баш-веројатните теории на заговор дека била маж што се претставува како жена.
Дигресија: Зошто маж во 1558 би се претставувал како жена, прво? Им текнало ли на креаторите на серијата дека, ако ништо друго, попаметно би ти било да си жена што се преправа во маж во тоа време, за да бидеш малку пораат?
Насловот на серијата е „Величество“. Телевизијата што ќе ја прикажува вели дека е „далеку од историски точна“ и се работи за „интригантна замисла за нејзиниот живот врз основа на теории на заговор“.
Силата на Елизабета како владетелка и одлуката да не се мажи има предизвикано шпекулации за нејзината сексуалност и родов идентитет. Некои тврдат дека имала машки псевдохермафродитизам, состојба во која човекот има тестиси и женски гениталии.
Една теорија од 19 век што и Брам Стокер ја вклучил во книга за „славни натрапници“ тврди дека кралицата умрела од треска во Глостершир на деветгодишна возраст и ја заменило локално момче што личело на неа.
Сер Роберт Сесил, нејзиниот главен министер се смета дека рекол дека е „повеќе од маж и реално, понекогаш помалку од жена.“
Во 1588, шпанската флота се приближила до Англија и Елизабета ѝ кажала на војската во Есекс „знам дека имам тело на слаба и нежна жена, но имам срце и стомак на крал - и тоа на крал на Англија.“
Значи, тело на слаба и нежна жена.
Во 2022, академици што работеле за Шекспирс Глоуб во Лондон уште малку се позанимавале со неможноста да се сфати дека ете, постојат вакви жени, па како да е битно, се прашувале дали е небинарна (луѓе што не се сметаат ни за машки ни за женски). Отишле дотаму што напишале и есеј за неа и користеле тие-заменки (they/them).
Феминистите се загрижени дека фрлањето сомнеж на „женскоста“ на истакнати жени затоа што не биле робови на родовите норми и правеле наводни „машки“ работи, ќе ги избрише силните жени од историјата. На Маја Форстејтер од Sex Matters на пример ѝ личи на првоаприлска шега. А не е.
„Веста дека Кралицата Елизабета I ќе се претстави како трансродова звучи како шега за 1-ви април, а не како тема за серија во шест продолженија што луѓето треба да ја гледаат,“ изјавува таа за Телеграф. „Некои во уметничкиот сектор сметаат дека портретирањето на историски женски фигури како Јованка Орлеанка како транс е модерно, но телевизиските гледачи на кои веќе им е смачено од родовата идеологија може да кажат дека е ова премногу и да гласаат со далечинско. Сексистичката теорија на заговор дека Елизабета била маж затоа што жена не би можела да води е веќе здодевна.“