Социјалната вештина што родителите забораваат да ја пренесат

Обично се фокусираме децата да знаат да кажат „те молам“, „благодарам“ и „добар ден“, или да се однесуваат смирено во јавност. Сепак, едукатори и експерти за детски развој посочуваат дека има многу поважна социјална вештина што често се занемарува - и која наставниците во училница ја забележуваат веднаш: способноста за самоконтрола во разговор, односно учењето како да се чека ред при зборување.

Оваа вештина, иако изгледа едноставна, всушност претставува основа на социјалната зрелост. Децата можеби и имаат оправдување ако ја немаат - со возрасните што уште не се до таа лекција не знаеме што ќе правиме.

Експертката за бонтон Мика Мајер и основачка на Beaumont Etiquette, за PureWow објаснува дека многу од проблемите што наставниците ги забележуваат кај децата не се поврзани само со „лоши манири“, туку со импулсивност и недостиг на социјална регулација. Со други зборови, способноста да се сопре, да се слуша и дури потоа да се одговори.

„Регулацијата и манирите одат рака под рака“, истакнува таа. „Кога децата учат да направат пауза пред да реагираат, тие не само што стануваат поучтиви, туку и подобри слушатели и поемпатични соговорници.“

Овој процес започнува многу рано. Периодот меѓу втората и шестата година од животот се смета за клучен за развој на социјални вештини бидејќи тогаш децата сè уште учат како функционира разговорот, како се разменуваат мисли и како се гради вниманието кон другиот. Ако во тој период се развие навиката да се слуша и да се чека ред, таа станува основа за понатамошна комуникациска зрелост.

Но проблемот, според експертите, е што оваа вештина ретко се учи директно. Родителите почесто се фокусираат на корекција на однесување, отколку на активна практика на разговор. Затоа, клучот не е во совршенство, туку во вежбање - наместо да се очекува детето веднаш да се однесува идеално, важно е да се создаваат ситуации во кои тоа може да учи преку искуство.

Една од препорачаните стратегии е едноставен модел на разговор: „пауза - слушај - зборувај“. Родителите можат да им помогнат на децата да научат да застанат пред да прекинат некого, да обрнат внимание на соговорникот и дури потоа да се вклучат во разговорот. Доколку детето прекине, важно е тоа да се коригира смирено и со објаснување, на пример: „Сакам да те слушнам, но прво да почекаме сестра ти да заврши“.

Подеднакво важно е и родителите да служат како модел - децата учат повеќе од тоа што го гледаат отколку од тоа што им се кажува. Ако возрасните практикуваат активно слушање, воспоставуваат контакт со очи и не се прекинуваат меѓусебно, тие индиректно им покажуваат како изгледа здрава комуникација.

Покрај секојдневните разговори, корисни се и структурирани активности како игри со редење зборови, раскажување приказни или семејни разговори за време на вечера. Овие ситуации им даваат на децата безбеден простор да вежбаат комуникација без притисок.

Со тек на време, овие мали навики создаваат нешто многу поголемо: социјална флуентност - способноста детето природно да се снаоѓа во разговори, да слуша и да учествува без да доминира или да биде исклучено.

2 април 2026 - 00:00