Приказната на американските робови што ретко ја гледаме на филм

Во американската популарна култура (која и остатокот од светот ја живее), ропството најчесто се прикажува низ поедноставени и визуелно „чисти“ наративи. Филмовите и сериите обично ни нудат јасна поделба: поробени луѓе со темна кожа, јасно одделени од белите господари, со приказни што се фокусираат на суровоста, трудот и отпорот. Но оваа слика, иако не е целосно неточна, остава еден значаен дел од историската реалност надвор од кадар.

Во 1857 година, американскиот уметник Џорџ Фулер насликал сцена откако присуствувал на аукција за робови во Аугуста, Џорџија. На сликата е прикажана млада црна девојка со светол тен, додека во позадина работат луѓе со потемна кожа од нејзината. Фулер никогаш не го дознал нејзиното име, но во писмо ја опишал со зборови што ја разоткриваат моралната противречност на системот:

„Која е оваа девојка со големи, црни очи? Таа е под твоите нозе, бел човеку. Зар не ти е сестра?“

Вакви сцени речиси и не постојат во американската филмска и телевизиска историја. Ропството ретко се прикажува со реалистичниот спектар на боја на кожа што постоел на плантажите - полубели луѓе, квартерони, октарони и други категории што биле дел од расниот систем во САД. По 1930-тите, Холивуд свесно избегнувал ваква историска точност. Термините биле тесно поврзани со сексуалната експлоатација на поробени жени со мешано потекло, а Продукцискиот кодекс на Холивуд забранувал отворено зборување за „мешање на раси“.

Поимот miscegenation - термин создаден во САД во 19 век - означува сексуални односи, брак или потомство меѓу луѓе од различни раси, особено меѓу црни и бели. Иронично, самиот збор бил измислен во 1863 година од новинари кои се противеле на укинувањето на ропството, како дел од политичка измама со цел да се поттикне расен страв и да се поткопа поддршката за Абрахам Линколн.

Американската филмска индустрија со децении создава слика на ропството во која поробените луѓе се претежно темнокожи и визуелно поблиски до Африка. Иако постојат исклучоци - како улогата на Тандиве Њутон како Сали Хемингс во Jefferson in Paris од 1995 - дури и таму реалноста е ублажена. Вистинската Сали Хемингс, според описи од времето во кое живеела, имала „многу светол тен“, долга, права коса и изглед што многумина го опишувале како „речиси бел“.

Сали Хемингс не е исклучок, туку резултат на систематско избелување на поробената популација преку сексуално насилство. Таа била три четвртини бела. Нејзината мајка, Бети Хемингс, била ќерка на робинка и бел англиски морепловец. Бети била силувана од Џон Вејлс - бел сопственик на плантажи и татко на сопругата на Томас Џеферсон. Самиот Џеферсон започнал сексуален однос со Сали кога таа имала околу 14 години. Во ваков контекст, зборот забременета кој се користи во разни документи не може да се одвои од значењето на силување. Нееднаквоста на моќта ја исклучува можноста за согласност.

Телевизиската серија Roots од 1977 отиде нешто подалеку од повеќето продукции, прикажувајќи сексуално насилство врз поробени жени и последиците потоа. Но и таму, реалноста е прикажана селективно - иако дознаваме дека бел господар е татко на еден од главните ликови, не гледаме цела генерација на светлокожи деца - нешто што историски било вообичаено на плантажите.

Прашањето што ретко се поставува е: што се случувало со тие деца? Спротивно на популарната претпоставка дека највредни биле физички посилните деца на јаки работници, светлокожите деца често достигнувале повисоки цени на аукции. Момчињата биле обучувани за служба во „големата куќа“, а девојките, често биле селектирани за т.н. fancies - жени наменети за сексуална експлоатација, понекогаш и во бордели. 

Правната рамка што го овозможила ова започнува уште во 1662 година со законите Partus Sequitur Ventrem во Вирџинија. Со нив, децата ја наследувале статусната припадност од мајката, а не од таткото - радикално отстапување од британското право. Така, сите деца родени од поробени жени автоматски станувале робови, а белите татковци биле ослободени од каква било одговорност. Во суштина, ова значи дека силувањето било институционализирано и легализирано.

Кога Трансатлантската трговија со робови била забранета во 1808 година, тоа не значело почеток на крајот на ропството. Напротив, системот се префрлил на внатрешно производство - присилно размножување како економски модел. Бројот на робови всушност значително се зголемил. Томас Џеферсон, како претседател, ја потпишал забраната на првиот можен датум, но таа одлука директно им користела на плантажерите во држави како Вирџинија и Мериленд, кои веќе имале голема „домашна“ робовска популација и повеќе не се соочувале со странска конкуренција.

Филмската и телевизиската индустрија, со своите селективни прикази, стануваат соучесник во создавање на наратив што ја ублажува вината и ја намалува моралната тежина на историјата. Дури и кога се обработуваат тешки теми, ретко се прикажуваат на начин што навистина поставува непријатни прашања. Речиси никогаш не гледаме сцени како оваа на сликата погоре, иако токму тие сцени објаснуваат како функционирал системот.

Американските поробени девојчиња често биле сметани за „погодни за размножување“ веднаш по пубертетот, на возраст од 12 до 14 години. Денес, ваквото однесување јасно го препознаваме како злосторство. Но во контекст на ропството, тоа било економска стратегија.

Со генерации, ропството се прикажува низ тесен, внимателно уреден отвор - доволно за да се препознае неправдата, но не и да се разбере целосно системот. Она што недостига не се маргинални детали, туку клучните елементи: како богатството било создадено, како семејствата биле распарчувани и повторно составувани, и како законите ја претвориле човечката репродукција во капитал.

27 јануари 2026 - 10:32