- Жаклин Дуран е костимографка осум пати номинирана за Оскар, а го има добиено за „Женички“ и „Ана Каренина“. Но, кога била студентка немала поим дека љубовта што ја имала кон облеката ќе ѝ стане кариера. Без идеја за иднината, знаела дека барем ужива во „пазарење од втора рака“ - барање, превртување и наоѓање мали богатства.
- Сега, во нејзината работа ѝ е клучно да меша старо со ново и вели дека она што може да се добие со мешање на периоди е да ѝ дадеш на публиката начин да разбере подобро.
- За облекувањето вели: „Низ годините, ја сведував облеката на сè поедноставно и поедноставно, за на крај да стигнам до носење предвидливо исто нешто секој ден, но во различни бои. Значи имам три модели на панталони, кои сите се варијација на јапонски панталони што ги носам главно цело време. И повторувам. И мислам дека после некое време, едноставно не сакаш да размислуваш премногу за тоа што го носиш. Сакаш да облечеш нешто удобно, што знаеш дека функционира и така да тераш.“
- За филозофијата на пазарењето вели: „Главно носам винтиџ работи или парчиња што сум ги направила, но мислам дека ако одам на шопинг, би купувала впечатливи парчиња што би можела да ги комбинирам со основните што секогаш ги носам.“
- Авторката Кејт Листер остро ја критикува чантата Биркин на Ермес како еден од најекстремните симболи на раскош и економска нееднаквост. Вели, чантите чинат десетици илјади фунти, а ретките примероци и стотици илјади, а нивната огромна цена не е оправдана со функционалноста, туку со престижот и желбата да се покаже богатство.
- Мета на критика е и културата околу сето тоа, промовирана од славни личности, инфлуенсери и ултрабогати луѓе. Според неа, апсурдот не е само во тоа што една чанта може да чини повеќе од годишната плата на медицинска сестра, туку и во фактот што ваквото расфрлање со богатството се слави како статус и успех, наместо да предизвикува непријатност во време кога многу луѓе живеат во сиромаштија.
- Смета дека Биркин можеби го губи статусот на престижен предмет бидејќи станала премногу присутна во културата на славните и почнала да се смета за кич. Посакува свет во кој луѓето ќе се гордеат со огромни донации каде што се потребни, не со фотографии каде што држат луксузни чанти.
- Авторот Бен Коб, по години поминати во Лондон како уредник и писател, во 2024 година со сопругата се преселил во Котсволдс, иако првично нивната стара куќа од 1605 година требало да биде само викендичка. Реновирањето било многу поскапо и покомплицирано од очекуваното, но тие успеале да го зачуваат карактерот на историскиот дом, со антиквитети, стари ткаенини, тапети и внимателно избрани бои.
- Најголемото изненадување бил новиот живот во малата заедница. Наместо очекуваната изолација и мир, Коб и сопругата стекнале нови пријатели и откриле дека селото има богат социјален живот, со вечери, коктели, отворања на ресторани и дури и повремени забави во штала. Токму преку новите познанства се родила и идејата за негова нова машка модна колекција инспирирана од животот во Котсволдс.
- По две години, Коб вели дека преселбата целосно му го променила животот. Почнал да се занимава со градинарство и пилатес, пронашол чувство на смиреност што долго му недостигало и, парадоксално, почнал уште повеќе да го цени Лондон.