
Лакот се наоѓаше во општината Мелендуњо, на јадранскиот брег во регионот Саленто и со децении беше природна разгледница на југот - варовнички мост извајан од морето, кој ги спојуваше двете карпести страни над тиркизна вода. Под него се фотографираа свршувачки прстени, младенци, инфлуенсери и туристи што бараа совршен кадар.
Името не е древно, туку настанало од локалната традиција и туристичкиот наратив - „Легендата“ вели дека ако двојка се бакне под сводот, нивната љубов ќе трае засекогаш. Со текот на времето, токму таа симболика ѝ донесе статус на романтичен амблем на Саленто - па се запросуваа таму, па правеа свадбени фотосесии итн.
Иако симболично „темел“ на нечија љубов, геолошки сводот бил многу кревок - составот е мек варовнички камен калкаренит, карактеристичен за регионот и со векови обликуван од морето. Брановите постепено ја издлабиле карпата, оставајќи воздушест мост што делуваше како да лебди. И на крај, истите сили што го создале „чудото“, ладно го уништија, како што само во природни процеси бива.
Во раните утрински часови на Денот на вљубените, силни ветрови, обилни дождови и агресивни бранови ја нападнаа веќе ослабената структура. Геолозите со години предупредуваа дека комбинацијата од механичка ерозија, прскање со сол и хемиско распаѓање - процес во кој солта кристализира во порите на каменот и го распукува однатре - постепено го разјадува лакот. Колапсот, иако болен за многу романтичари, не беше сосема неочекуван.
Сега се останати само два назабени столба што стрчат од карпестиот раб. Локалните власти го опишаа настанот како „разорен удар“ за имиџот на Саленто и туризмот. Градоначалникот на Мелендуњо, Маурицио Чистернино, потсети дека општината поднела проект вреден 4,5 милиони евра за борба против крајбрежната ерозија, кој бил оценет како прифатлив на регионално ниво, но не добил финансирање поради недостиг на средства. Советникот за туризам Франческо Стела изјави дека атмосферата по уривањето наликувала на погреб. Жителите и посетителите се собирале да ги видат урнатините, не само како геолошки остаток, туку како крај на една ера. За многумина е повеќе од природна формација - било место каде што започнале многу лични приказни.
Денес, прашањето не е дали може да се „врати“ - природните чуда не се реконструираат како споменици - туку како да се заштити она што останува од кревкото крајбрежје на јужна Италија.
Каква иронија.