Не користете ChatGPT за лични пораки - не е убаво

Сте забележале дека луѓето веќе и за лични ствари употребуваат ЧатГПТ? Од типот јавно честитање роденден на блиските и слично?

Сега па доаѓа Денот на вљубените и иако некои од вас (нас) не се замараат премногу со тоа, има и такви што веќе се туфкаат како да срочат порака за партнерот. И многу од нив ќе се фатат за ЧатГПТ. Живееме во ера кога вештачката интелигенција за неколку секунди може да напише љубовно писмо, песна или персонализирана порака, па искушението е очигледно. Но нови истражувања покажуваат дека користењето AI за вакви лични пораки има (не)очекувана психолошка цена.

Истражувачите Џулијан Џиви, Колин П. Кирк и Даниел Хас, кои се занимаваат со односот меѓу однесувањето на потрошувачите и технологијата, анализирале како луѓето се чувствуваат откако ќе користат генеративна вештачка интелигенција за да напишат емотивни пораки до блиски личности. Нивниот заклучок е јасен: иако пораките звучат убаво, оние што ги испраќаат често се чувствуваат полошо во врска со себе.

Во пет одделни експерименти, во кои учествувале стотици испитаници, учесниците биле замолени да замислат дека користат ВИ за да напишат роденденска честитка, порака за благодарност или љубовно писмо. Во сите сценарија се повторувал истиот образец: луѓето чувствувале поголема вина кога пораката била напишана од ВИ, отколку кога самите ги формулирале зборовите.

Причината лежи во она што истражувачите го нарекуваат „јаз во припишувањето на заслугите“. Кога некој копира ВИ-текст и го потпишува со свое име, се создава несогласување меѓу тоа кој навистина ја создал пораката и кој изгледа дека ја создал. Иако вакви ситуации постојат и на други места - како говори напишани од советници или објави на славни личности подготвени од ПР-тимови - во интимните односи очекувањата за искреност се далеку поголеми.

Истражувањето покажува дека вината не произлегува од самата технологија, туку од чувството на прикриена неискреност. Луѓето, длабоко во себе, се свесни дека му даваат на примачот погрешна слика за вложениот труд и емоција.

Интересно е што истиот ефект не се појавува кај купените честитки со готов текст. Таму нема вина, бидејќи процесот е транспарентен - сите знаат дека пораката не е лично напишана. Слично, кога испитаниците замислувале дека пријател тајно ја напишал пораката наместо нив, чувството на вина било исто толку силно како и кај користењето ВИ. Клучниот фактор, според авторите, не е дали ghost-writer е човек или алгоритам, туку дали постои прикривање.

Вината, сепак, се намалува во ситуации кога пораката на крај не се испраќа или кога примачот е далечен познаник, а не блиска личност. Тоа сугерира дека проблемот е најизразен токму таму каде што емоционалната автентичност е најважна.

Слични реакции се забележани и во други истражувања: луѓето реагираат поостро кога ќе дознаат дека компанија користела ВИ за порака за сочувство или поддршка, отколку за обично, информативно соопштение. Очекувањето за човечки напор игра клучна улога.

Што значи сето ова за Денот на вљубените? Истражувачите не тврдат дека ВИ мора целосно да се избегнува. Наместо тоа, препорачуваат да се користи како алатка за инспирација - за надминување на блокада или за добивање идеи - но не и како целосна замена. Крајната порака, уредена и персонализирана, треба да остане човечка.

11 февруари 2026 - 12:54