
Причината била госиполот - природен пестицид во памукот кој го прави маслото токсично, па во најдобар случај, семето се користело во мали количини како сточна храна, а во најлош - се фрлало. На почетокот на 20 век, компанијата Проктер и Гембл бара евтина суровина за производство на сапуни и свеќи. Животинските масти биле соодветни, но скапи. Памучното масло, пак, било евтино и речиси безвредно. Уште и да можеле некако да го направат да се јаде, компанијата ќе добиела неограничен и евтин извор на масти.
Решението било технолошки агресивно. Маслото се извлекувало со хемиски растворувачи, се загревало на екстремно високи температури за да се неутрализира госиполот, се хидрогенизирало под притисок за да стане цврсто на собна температура, хемиски се дезодорирало за да се отстрани непријатниот мирис и се белело за да ја изгуби сивата боја. Резултатот бил Crisco - кристализирано памучно масло, патентирано во 1907, а пуштено во продажба во 1911 година.

Сепак, имало нов проблем: луѓето не сакале да јадат индустриски преработен отпад. Во тоа време, домашната кујна се темелела на путер и маст - состојки користени со векови. Затоа Проктер и Гембл вложува во масивна маркетинг-офанзива - бесплатни готвачки книги со рецепти специјално осмислени за Криско, демонстрации за готвење, реклами што го прикажуваат производот како модерен и „научен“, за разлика од „застарените“ традиционални масти. Посебно успешно било позиционирањето на Криско како кошер производ - ниту млечен, ниту месен.
Клучниот момент доаѓа во 1948 година. Американската асоцијација за срце (AHA) тогаш располага со скромен буџет од 1.700 долари. Проктер и Гембл донира 1,7 милиони долари и одеднаш, малата организација добива влијание, инфраструктура и моќен корпоративен поддржувач - компанија што произведува растителни масла.
Во 1961 година, AHA ги објавува првите официјални нутриционистички препораки: да се избегнуваат заситени животински масти и да се заменат со растителни масла, а веројатно ви е јасно дека меѓу препорачаните е токму Криско, заедно со слични производи. Иако конфликтот на интереси е очигледен, препораките се прифаќаат како научен консензус - медиумите ги пренесуваат без критика, лекарите повторуваат по нив, а државните политики ги вградуваат во официјалните водичи за исхрана.
Дури во 1980-тите станува јасно дека транс-мастите, создадени со процесот на хидрогенизација, директно го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања. Тие го покачуваат „лошиот“ LDL холестерол, го намалуваат „добриот“ HDL и поттикнуваат воспаленија. Производот што со децении се рекламирал како „здрав за срцето“ се покажува како сериозно штетен.
Одговорот на индустријата не бил јавно извинување, туку тивка реформулација. Хидрогенизацијата е отстранета, но основниот модел останува. Денес, масла од соја, пченка и канола се присутни насекаде - произведени со слични хемиски процеси, подложни на оксидација и богати со омега-6 масни киселини кои поттикнуваат воспаленија. А никогаш не биле дел од човечката исхрана во вакви количини.
Промената што започнала како решение за индустриски отпад довела до една од најголемите трансформации во начинот на исхрана во човечката историја - со последици што сè уште ги живееме. Или, можеби ние не ги живееме баш од Криско последиците.
Ама затоа од маргарин...