Уште се слушаат пискотници за новиот „Оркански висови“

Филмот излезе, луѓето не затнаа. Филмските контроверзи обично се резервирани за политички трилери или хорори што ги поместуваат границите, но годинава најжестоките дебати на интернет не се водат околу нов жанровски експеримент, туку околу нова адаптација на роман од XIX век.

Откако режисерката Емералд Фенел објави дека по „Promising Young Woman“ и „Saltburn“ ќе ја режира својата верзија на „Wuthering Heights“ од Емили Бронте, реакциите не стивнуваат.

Критиките започнаа уште пред филмот да биде завршен. Дел од тие што коментираа ја доведоа во прашање способноста на Фенел да се справи со викторијански класик, потсетувајќи дека нејзините претходни филмови беа обвинувани за стил пред содржина - визуелно впечатливи, но наративно провокативни на сметка на длабочината. Стравувањата беа дека и оваа адаптација ќе оди по истата линија.

Незадоволството се засили кога се објави дека улогите на Кети и Хитклиф ќе ги толкуваат Марго Роби и Џејкоб Елорди. Во романот, во клучниот дел од нивната врска, ликовите се тинејџери, додека актерите имаат 35 и 28 години. Освен тоа, Хитклиф е опишан со темна кожа, често му се обраќаат и со gypsy, во еден момент, слугинката Нели му вика (во слободен превод):

„А што не ти текне дека татко ти е кинески император, а мајка ти индиска кралица?“

...што значи дека во новата верзија може да има и „избелување“ на лик.

Критиките не застанаа тука. Трејлерот, објавен неколку месеци подоцна, беше оценет како намерно анахроничен: модерна поп-музика на саундтракот, визуелен стил што повеќе потсетува на XXI век отколку на раниот XIX, и костими кои според модните медиуми изгледаат како да припаѓаат на осумдесеттите. На социјалните мрежи се појавија и иронични коментари за „совршените заби“ на ликовите и нивниот современ изглед.

Сепак, дел од прашањата што се отвораат одат подлабоко од костимографијата. Фенел, која потекнува од привилегирано британско опкружување и која и самата глумеше во серијата „The Crown“, често е обвинувана дека е премногу блиска до светот што го сатиризира. За нејзиниот филм „Saltburn“доби критики дека премногу благо се однесува кон своите аристократски ликови. Оттука, скепсата кон новата адаптација делумно произлегува и од ставовите кон самата авторка.

Но можеби клучната причина за острата реакција лежи во статусот на романот. „Оркански висови“ е дело што многумина го читаат во тинејџерските години и го поврзуваат со сопствениот емоционален развој. За одредени читатели, приказната за деструктивната љубов меѓу Кети и Хитклиф станува дел од личниот идентитет. Во таков контекст, секое отстапување од текстот лесно се доживува како нарушување на нешто интимно.

Иронијата е што Фенел јавно изјавува дека е опседната со романот уште од својата четиринаесетта година. Свесна е, како што призна, дека и самата би реагирала гневно доколку некој друг ја адаптира приказната на начин што ѝ изгледа погрешен.

Дали филмот навистина ќе се покаже како површна, сензационалистичка верзија на класиката, или како храбра интерпретација што го реосмислува текстот за нова публика, останува да се види. Раните реакции од претпремиерните проекции се поделени - од остри критики до ентузијастички пофалби.

Во меѓувреме, едно е сигурно: ретко кога адаптација на викторијански роман предизвикала толку силен, долготраен и глобален одзив. А фразата „и лошиот публицитет е добар публицитет“ одамна не била поточна.

16 февруари 2026 - 10:22