
Дел од постпродукцијата можеби се случила таму, но самото снимање е преселено во други делови на САД и светот.
Овој факт е само симптом на подлабока криза. Производството во Лос Анџелес драматично опаѓа и десетици илјади работници ја имаат напуштено индустријата во последните неколку години. Она што со децении се сметаше за стабилен и влијателен екосистем сега покажува знаци на распаѓање - Холивуд, како индустриски центар, ја губи својата клучна предност: концентрацијата на талент и ресурси на едно место.
А таму всушност им лежеше рецептот за успехот - во текот на 20 век, филмаџиите се селеа во Јужна Калифорнија за да избегаат од правните ограничувања на источниот брег и да ги искористат поволните услови за снимање. Со текот на времето, студија како Парамаунт, МГМ и Ворнер Брос создадоа систем што произведуваше стотици филмови годишно, привлекувајќи талент од целиот свет. Холивуд од обична географија станува глобален симбол. Денес, тој циклус се врти во обратна насока, бидејќи продукцијата се сели таму каде што е поевтино, каде што има даночни олеснувања или нови пазари, па градови како Атланта или Ванкувер, како и бројни европски и азиски локации стануваат нови центри на снимање. За локалните работници, тоа значи избор меѓу преселба и напуштање на професијата.
Паралелно, технолошките промени ја редефинираат индустријата. Подемот на стриминг платформите, предводени од Нетфликс, ја промени динамиката на продукцијата и дистрибуцијата, па наместо долгите телевизиски сезони што обезбедуваа стабилна работа, денес сериите се пократки, а ангажманите се несигурни. Сценаристите и другите креативци сè почесто работат на проекти што можеби никогаш нема да бидат реализирани. Имаат и нов модел на плаќање со еднократни хонорари наместо долгорочни приходи врз основа на успехот, што за филмските работници ја намалува финансиската сигурност. Креаторите често немаат ни увид во тоа колку нивната работа е гледана, бидејќи податоците остануваат во рацете на платформите.
Во исто време, влијанието на технолошките компании расте - ако некогаш Холивуд беше управуван од студиски шефови, денес клучните одлуки ги носат компании од Силиконската долина. Со огромни бази на податоци за навиките на публиката, тие ја обликуваат содржината според алгоритми, а не според традиционалните креативни инстинкти. Затоа и ни се чини дека гледаме глупости - не нè стимулираат како луѓе, туку како машини.
И нормално, тука доаѓаме до фактот и дека цело време е виси заканата од вештачката интелигенција, што дополнително ја засилува неизвесноста. ВИ може да автоматизира дел од процесот и отвора врата за масовно производство на содржина, што може да влијае на квалитетот и вредноста на филмската уметност. Во меѓувреме, платформи како Јутјуб веќе нудат количина на видео што одамна ја имаат надминато традиционалната продукција.
Сепак, значењето на Холивуд не е само економско. Филмовите и сериите со децении беа еден од најсилните американски извозни производи, обликувајќи култура, јазик и вредности ширум светот. Иако нивниот директен економски удел е помал од други индустрии, нивното културно влијание останува огромно.
Денешната состојба, сепак, укажува на крај на една ера - Холивуд како централизирана „фабрика за соништа“ се соочува со постепено распарчување.
Оскарите го слават, ама иднината одамна не му се пишува дома.