
Во доцните 1970-ти години, психологот Елен Ленгер од Харвард спроведува еден од најнеобичните експерименти во психологијата на стареењето. Идејата: Што ако дел од ефектите на стареењето не се само биологија, туку и резултат на тоа како луѓето размислуваат за својата возраст?
Така настанала студијата што подоцна ќе стане позната како Counterclockwise („Спротиввно од стрелките на часовникот“).
Во експериментот учествувала мала група мажи во доцните седумдесетти и раните осумдесетти години. Ги однеле во куќа за одмор која била целосно трансформирана за да изгледа како да е 1959 година - околу дваесет години порано од времето кога експериментот се спроведувал. Во просторот имало списанија, книги, весници, радио музика и телевизиски емисии од тој период. Дури и разговорите биле насочени кон политиката, спортот и културата од крајот на педесеттите.
Клучниот елемент бил во упатството што го добиле учесниците. Тие не требало само да се потсетуваат на минатото. Требало да се однесуваат како навистина да живеат во 1959 година. Да зборуваат за своите животи како да се дваесет години помлади, да дискутираат за настаните од тоа време како за актуелни, и да се движат и функционираат колку што можат понезависно.
Паралелно постоела и контролна група, која исто така престојувала во слична средина, но само разговарала за минатото во форма на сеќавања.
Пред и по престојот, истражувачите ги тестирале учесниците во повеќе области: меморија, когнитивни способности, физичка сила, подвижност и координација. По само една недела, резултатите биле изненадувачки. Според извештаите на Ленгер, дел од мажите покажале подобрување во тестовите за меморија и интелигенција, подобра флексибилност и рачна координација, па дури и поголема сила за стегање на раката. Набљудувачи кои ги споредувале фотографиите направени пред и по експериментот процениле дека некои од учесниците дури изгледале и помлади.
Особено интересно било тоа што групата која се однесувала како навистина да живее во минатото покажала поголеми подобрувања од групата која само се потсетувала на него. Ленгер ја толкувала оваа појава преку идејата дека стареењето не е само биолошки процес, туку и психолошки. Кога луѓето се третирани како кревки и немоќни, тие често несвесно почнуваат да се однесуваат така, но кога контекстот ги поттикнува да се чувствуваат способни и помлади, тие можат да се движат повеќе, да размислуваат поактивно и да ја користат својата автономија на начин што влијае и на телото.
Сепак, научната заедница денес е внимателна кон овој експеримент. Студијата била мала, со ограничен број учесници, и не била дизајнирана според строгите стандарди што денес се очекуваат од клиничките истражувања. Затоа резултатите се сметаат повеќе за интересна индикација отколку за конечен доказ дека начинот на размислување може буквално да го „врати часовникот“ на стареењето.
Интересот за експериментот повторно се разгорел неколку децении подоцна, кога британската телевизија направи документарен проект инспириран од идејата на Ленгер. Во серијата The Young Ones, група постари британски јавни личности една недела живееле во куќа уредена како во 1975 година. И тука учесниците требало да разговараат за настаните од тоа време како да се случуваат во моментот и психолошки да се „вратат“ во периодот кога биле помлади.
Иако станувало збор за телевизиски експеримент, резултатите биле забележителни. По една недела, учесниците покажале подобрување во тестовите за подвижност, рамнотежа и ментална острина. Некои од нив се движеле побрзо и поисправено, а еден учесник кој пристигнал во инвалидска количка на крајот можел да се движи со помош на бастун.
Ниту ова, се разбира, не значи дека стареењето може едноставно да се „измами“. Но и оригиналниот експеримент и подоцнежниот телевизиски обид отвораат интересно прашање: колку од она што го нарекуваме стареење е биологија, а колку е резултат на очекувањата, улогите и приказните што општеството - и самите ние - ги прифаќаме за возраста.